| четврток, 6 декември 2018 |

Владата денеска ќе го предложи Љубомир Јовески за нов јавен обвинител

Љубомир Јовески ќе биде новиот јавен обвинител. Дознаваме дека на денешната седница Владата се очекува да го потврди предлогот за новото кадровско решение на Јавното обвинителство и да го достави до Собранието на гласање.

Јовески кој е актуелен член на Советот на јавни обвинители стана предлог на Владата во конкуренција на 23 кандидати кои се пријавија на огласот што го објави Собранието откако летоска беше разрешен обвинителот Марко Зврлевски поради непрофесионално и ненавремено извршување на работните обврски.

Постапката за избор на новиот јавен обвинел беше спроведена со сите нишани – претходно се огласи и Советот на јавни обвинители кој до Владата испорача позитивно мислење за двајца од пријавените 23 кандидати.

Миле Бошњаковски, портпарол на Владата кога кон средината на август ја објасни постапката за избор на новиот обвинител рече дека ќе се бира професионалец, односно личност од професијата со дигнитет и достоинство кој ќе го врати угледот на позицијата јавен обвинител, ќе го почитува законот и Уставот и ќе постапува еднакво, непристрасно и одговорно во делење на правдата и ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудните институции.

Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување, а изборот го вршат пратениците со просто мнозинство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top