| четврток, 6 декември 2018 |

Објавен романот „Манастирот на сто гревови“ од Марчело Симони

Романот „Манастирот на сто гревови“ од италијанскиот писател Марчело Симони излезе во печат на македонски јазик. Преводот од италијански јазик е на Анета Симовска. Романот го објави издавачката куќа „Готен“.

Мајсторот на италијанските историски трилери Марчело Симони со оваа најнова книга, објавена во 2014 година и преведена во 18 земји, се враќа на голема врата на меѓународната книжевна сцена. Добива ласкави пофалби од критиката за интернационалниот бестселер, споредуван со делата на Умберто Еко.
Дејствието на романот почнува во август 1346 година, кога почитуваниот Мајнард де Рошебланш, преживеан од воен пораз, станува сопственик на еден пергамент со напишана енигма. Овој таен текст се однесува на една драгоцена реликвија, обвиена во мистерија Lapis exilii. Многумина се интересираат да ја добијат, најмногу амбициозниот кардинал од Авињон и принцот Карел од Луксембург, желен да биде овенчан за император. Мајнард ќе биде принуден да бега за овој непроценлив документ да не падне во погрешни раце. Прво ќе се упати во Реимс, кај сестрата Евделин, монахиња во манастирот Сант Балсами, потоа во манастирот Помпоза. Токму таму ќе му се случи среќната средба со опатот Андреа и младиот сликар Валтер де Бруни, со кои ќе се обиде да ја открие вистината за реликвијата. Сепак, единствениот што ја знае тајната на Lapis exilii е еден монах со изобличен изглед, што ја извлекол тајната од едно недостижно место, манастирот Мон Флер…
Марчело Симони (1975) е автор на книгите „Подземјето на катедралата“, „Островот на безимените монаси“, „Лавиринтот на крајот на светот“, „Продавачот на проклетите книги“, „Изгубената библиотека на алхемичарот“ и други. Добитник е на наградите за литература „Златна трка“ за 2013 година и на „Банкарела“ за 2012 година.

Објавувањето на книгата е поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top