| четврток, 6 декември 2018 |

Левица: Зголемувањето на акцизата е погрешна мерка

Според Левица зголемувањето на акцизата за нафта е погрешна мерка и во однос на економијата и во однос на заштитата на животната средина.

„Враќањето на евтината тарифа за струја и укинувањето на радиодифузната такса беа само чекор за предизборен маркетинг на СДСМ кој отвори дупка во буџетот на Владата. Сега, со покачување на акцизата за нафта за 3,5 денари и со новиот тарифник за вода од страна на регулаторната комисија, при што ќе се зголеми цената на водата, се компензира намалувањето на буџетот на сметка на граѓаните.

Несериозни се тврдењата дека покачување на цена на дизелот ќе го намали загадувањето. Покачувањето на цена на дизелот најмногу ќе ги погоди земјоделците, чии што машини за обработка на земја се потрошувачи на нафта.  Возила кои користат дизел користат голем дел од понеимотните граѓани баш поради ниската цена на дизелот“, соопшти Левица.

Партијата смета дека Владата не треба да задира вo џебот на работниците и осиромашените граѓани, туку буџетот да го полни од џебот на бизнис елитите, кои, за разлика од нив, можат тоа да си го дозволат.

„За жал, не можеме да очекуваме Влада во која што партиципираат бизнисмени и милионери да застанат на страна на интересот на работникот“, се додава во соопштението.

За Левица оваа мерка е регресивна, а не прогресивна, бидејќи, процентуално, повеќе ќе го погоди домашниот буџет на посиромашните граѓани одколку на побогатите. Сумата на зголемените средства што ќе ги плаќа сиромашниот граѓанин, како што се вели во соопштението, нема да е пропорционално помала од таа што ќе ја плаќаат побогатите, во однос на примањата, односно имотот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top