| четврток, 6 декември 2018 |

Морбилите се шират во скопските општини

На дете од Косово во македонска болница му дијагностицирале морбили. По лекарскиот третман родителите си го вратиле дома. Тоа е еден од трите случаи откриени минатата недела. Меѓу новозаразените е и 30 годишна жена од Чаир, кај која епидемиолозите не можеле да најдат со кого била во контакт пред заболувањето. Мали сипаници добило и 13 месечно дете од Шуто Оризари кое пред дијагнозата било на преглед во Клиниката за детски болести. Оваа опасна заразна болест по епидемијата во Гази Баба од пред две недели каде беа регистрирани 11 заболени, се шири и во останатите скопски општини.

-Опасноста се уште демне, периодот на инкубација е од 10 до 14 дена и може да имаме и нови заразени. Поучени од искуството од минатото кога сме почнувале од 2,3 случаи па имавме бројка од над 100 заразени во 2014 или 900тини во 2009, значи, се уште мора да сме многу претпазливи, вели др. Јованка Костовска од Комисијата за заразни болести.

Костовска вели дека и по пријавите за новооткриените случаи епидемиолозите на терен ги вакцинирале сите кои биле под надзор или во близок контакт со заразените. Со полни раце работа се и тимовите за имунизација кои само во Скопје по прогласувањето на епидемијата во Гази Баба вакцинирале 2900 деца со МРП вакцина од кои поголем број биле од оние кои не ја примиле вакцината согласно редовниот календарот.

-Морбилите с емногу контигиозни и добро е што овој период имаме зголемен број на родители кои сакат да ги вакцинираат децата со МРП, вели Костовска

Дали вирусот на морбили во Македонија е иста како оној во Косово каде има над 60 заразени, надлежните ќе чекаат одговор од материјалите кои ги испратиле на анализа во странски лаборатории.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top