Најкорисниот играч за минатата сезона во НБА, Расел Вестбрук, ја продолжи верноста со Оклахома потпишувајќи го највредниот договор во историјата на овој спорт. Договорот е прилично комплициран, каква и што е праксата со големите договори, но се знае дека на крајот од шестгодишната соработка Вестбрук ќе биде побогат за 233 милиони долари. Договорот почнува да важи од следната сезона и вклучува опција за продолжување во сезоната 2022-23.
Вестбрук ќе инкасира вкупно 205 милиони долари за самиот потпис на новиот договор и уште 28 милиони како плата за следната сезона.
– Кога играш во Оклахома сити, играш пред најдобрите навивачи на светот. Со големо нетрпение чекам да дадам се за нив, градот и клубот, изјави Вестбрук.
Тој во минатата сезона просечно бележеше трипл-дабл со 31,6 поени, 10,7 скока и 10,4 асистенции по натпревар. Со неговото останување и засилувањата од типот на Кармело Ентони и Пол Џорџ, Оклахома би можела повторно да цели кон титулата.
Новата НБА-сезона стартува на 17 октомври.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.