Холандската Влада денеска побара од Врховниот суд на земјата да ја поништи пресудата на Апелацискиот суд во Хаг со која Холандија е прогласена за „делумно одговорна“ за смртта на 300 Бошњаци во Сребреница во 1995 година.
– Не се согласуваме со мислењето на судиите дека холандските мировници на ОН постапиле противзаконски и не сфаќаме како Судот донесе таква одлука, изјави портпаролот на холандското Министерство за одбрана, Клас Мејер.
Во јуни годинава, Апелацискиот суд во Хаг ја потврди пресудата на првостепен суд од 2014 година, во која се наведува дека холандските мировници „требало да знаат дека Бошњаците ќе бидат убиени доколку ги натераат да ја напуштат базата на ОН“. Станува збор за случај од јули 1995 година, кога холандски војници од составот на мировните сили на ОН принудија околу 300 Бошњаци од Сребреница да ја напуштат нивната база во Поточари, по што тие беа убиени од страна на припадници на силите на босанските Срби.
Холандските медиуми уште веднаш по пресудата на Апелацискиот суд оценија дека судска одлука претставува исклучок од причина што припадниците на силите на ОН уживаат имунитет од казнено гонење. Според нив, овој случај е единствен по својата природа, бидејќи држава што учествува во мировна мисија на ОН е прогласена за одговорна за своите постапки.
Апелацискиот суд пресудата ја донесе по жалбата поднесена од организацијата „Мајки на Сребреница“, која ги претставува интересите на жените, чии сопрузи и синови беа меѓу околу осумте илјади мажи и момчиња убиени од страна на силите на босанските Срби при масакрот во Сребреница во јули 1995 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пресуда на Хаг: Холандија делумно виновна за смртта на муслиманите во Сребреница
-
Холандски војници ќе ја тужат државата затоа што ги пратила во Сребреница
-
По ослободителната пресуда на Шешељ, радикалите со часови кружеле низ Сребреница извикувајќи: Пак ќе ве колеме! (видео)
-
Плавшиќ: Клинтон ја нареди Сребреница