| четврток, 6 декември 2018 |

Кaмпања на ДПМ за ревитализација на спомен-куќата на Конески во Небрегово

Со манифестацијата „Во чест на Блаже Конески“, на 29 септември во прилепското село Небрегово, Друштвото на писателите на Македонија ќе ја почне кампањата за ревитализација на спомен куќата на големиот македонски поет, книжевен научник и лингвист.

Oд Друштвото на писателите на Македонија соопштија дека средбата во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово ќе ја отвори претседателот на ДПМ, Веле Смилевски, а потоа ќе настапт 20 истакнати поети од различни генерации. Со своите стихови поетите на ДПМ ќе му оддадат почит на Блаже Конески, првиот претседател на македонската писателска асоцијација која годинава одбележува 70 години од своето формирање.

Друштвото на писателите на Македонија планира низа активности кои ќе ја реактуелизираат првичната идеја спомен-куќата на Блаже Конески во селото Небрегово постојано да пулсира со книжевни средби, симпозиуми, литературни и јазички работилници за творци, љубители на литературата, ученици и студенти. За остварување на ваквата цел ДПМ ќе соработува со сите релевантни фактори, пред сѐ со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

ДПМ секоја година ги одржува познатите Денови на Блаже Конески, а по повод неговиот роденден, 19 декември 1921 година. Во рамките на оваа манифестација е и традиционалната средба на генерациите на која настапуваат поетите, членови на ДПМ. Друштвото на писателите на Македонија ја востанови наградата Повелба Блаже Конески. Прв добитник на ова високо признание е поетот и академик Матеја Матевски.

Претстојаната манифестација „Во чест на Блаже Конески“ во селото Небрегово е дел од овие активности, а во знак на достојна почит кон делото на поетот на чија родна куќа во 1998 година, ДПМ постави плоча со благодарност за неговиот огромен влог за македонската литература и култура, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top