Изборот во ИK го гледам како валоризација на мојот досегашен труд, но и огромна, потенцирам огромна мотивација и обврска плус да продолжам да работам во насока на давање на конструктивни предлози, а се со една и единствена цел, а тоа е подобрување на животот на сите грагани во Република Македонија, истакна новоизбраниот член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Курир.
Златко Перински е магистар по човечки ресурси. Од 2014 година е на чело на спортскиот центар „Борис Трајковски“. Член е на ВМРО-ДПМНЕ од 2002 година и станува потсекретар на партијата. Од неговото доаѓање на позиција директор на СЦ „Борис Трајковски“ во спортскиот центар се случија низа промени: ребрендирање на капацитетите, попривлечни цени за оние кои сакаат да се занимаваат со спорт, започнаа со работа четири отворени тениски терени, се изврши поделба на „Вип арената“, што овозможи тренинг и рекреација на три различни терени.
Што претставува за вас членството во ИК?
ПЕРИНСКИ: Да се биде член во извршниот комитет на најголемата и најорганизираната политичка партија во Република Македонија е огромна чест. Во изминатите 15 тина години активно учествував во скоро сите партиски тела вклучувајки ја и Унијата на млади сили и максимално се вложував и придонесував во рамките на своите можности на сите нивоа во партијата. Изборот во ИК го гледам како валоризација на мојот досегашен труд, но и огромна, потенцирам огромна мотивација и обврска плус да продолжам да работам во насока на давање на конструктивни предлози, а се со една и единствена цел, а тоа е подобрување на животот на сите грагани во Република Македонија. Ни предстојат клучни локални избори во октомри оваа година, кои нема да бидат само обични локални избори, туку и многу повеќе од тоа, односно можност граѓаните да го искажат масовно своето незадоволство од целата оваа неодговорност и неспособност на СДС, и наша победа која е реална и остварлива и многу извесна е нашиот главен фокус. Новиот Извршен Комитет спојот на млади и искусни кадри, сите докажани партиски борци и високата мотивираност несомнено ке придонесе до уште една голема победа на ВМРО ДПМНЕ на локалните избори.
Како планирате да ја реализирате оваа партиска цел?
ПЕРИНСКИ: Приоритет ни е изготвување на програма во секоја општина која како и досега така и сега ќе ги содржи реалните потреби на сите граѓани во сооднос со реалните можности на општинските буџети. Многу анализираме и размислуваме пред да ветиме, но она што ќе го ветиме е реално и се остварува. Не сакаме и не смееме да не ги исполнуваме ветувањата, затоа што така ќе ја загубиме нашата компаративна предност. Ќе допреме до секоја клетка на партијата, но и ќе се обидеме да разговараме со секој еден граѓанин, ќе ја поминеме целата земја за да ги детектираме потребите и проблемите на граѓаните и да понудиме решенија. Тоа е наш принцип на работа и резултираше со 10 последователни изборни победи. Сигурен сум дека следува и 11тата победа.
Што ја дефинира вашата партија да биде поразлична од вашите политички опоненти?
ПЕРИНСКИ: ВМРО-ДПМНЕ целосно ја смени политичката култура во земјата и ја подигна на едно повисоко ниво. На сите избори излегуваше со реален и издржан програмски документ, со проекти, со рокови за нивна реализација. На крајот на секој мандат нудевме и отчет за тоа што е реализирано и што е во тек на реализација. За мене е крајно несериозно да направите изборен програмски документ со кој што им ветувате на ѓраѓаните проекти за подобар живот,а по доаѓање на власт да ги повикувате на дебата за истите дали може да ги реализирате. Нашите политички опоненти своите ветувања пред граѓаните ги сведоа на теми за дебата. ВМРО-ДПМНЕ мора да бара одговорност за политичката индолентост на партиите кои ја практикуваат власта, а не си стојат до дадениот збор во предизборието. По победата на претстојните локални избори, ние веднаш ќе почнеме да реализираме проекти, а не да дебатираме за она што сме го ветиле. На тој начин можеме со дигната глава повторно да побараме доверба пред граѓаните за предвремени парламентарни избори.
Како нов член на Извршниот комитет, каде вие можете да придонесете за подобрување на активноста на партијата?
ПЕРИНСКИ: Јас сум спремен за работа на секое поле. Имам свои ставови и свои приоритети, имам и своја визија за одредени придвижувања напред, со уште посилно темпо. Лично, сметам дека ќе придонесам во подобрување на презентација на нашите ставови во условно кажано урбаното граѓанство. Заради пропагандата која беше правена врз партијата, се создаде чувство во определени градски структури дека ВМРО-ДПМНЕ за некои работи премногу наметливо спроведуваше некои свои политики, кои претходно можеби требаше подобро да бидат објаснети пред јавноста за да може да се апсолвира нивната корисност која гарантирам дека ја имаше во сите овие вакви сензибилни теми. Но, не само да ги претставувам нашите политики, можеби и многу повеќе, да разговарам со одредени урбани структури и да можам да ги пренесувам нивните перцепции, нивните идеи, нивните мислења, па и критики, кои потоа со соодветна анализа би можеле да ни помогнат во уште подобро профилирање на политики, во конципирање на проекти и во реализација на многу мерки кои им се потреби на граѓаните, а кои доколку ВМРО-ДПМНЕ не ги испорача, никоја нема да ги испорача. Поголема отвореност за поголем број на мислења со цел од тој квантум на идеи да го извлечеме најдоброто, и да промовираме квалитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.