| четврток, 6 декември 2018 |

Зделката од 222 милиона евра – Нејмар потпиша за ПСЖ


Нејмар, сега, и дефинитивно е најскапиот фудбалер во историјата. Крилниот напаѓач на Барселона и капитен на бразилската репрезентација потпиша петгодишен договор со ПСЖ и го урна рекордот на Пол Погба од Јувентус во Манчестер за 105 милиони евра. Бразилецот во Париз ќе заработува неверојатни 45 милиони евра по сезона.

„Среќен сум што, конечно, станав член на ПСЖ. Сакам да му помогнам на клубот при освојување на титулите што ги посакува. Тоа ќе биде моја најголема мотивација овде и ќе дадам максимум за радост на навивачите“, изјави Нејмар за официјалната интернет страница на „светците“.

Изминатите денови настанаа низа компликации за трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ. Попладнево во целиот случај се вмеша и шпанската Ла Лига која ја одби понудата на ПСЖ и најави жалба во УЕФА против клубот од Париз за, како што нагласија од таму, „кршење на финансискиот фер-плеј“ иако немаа легална основа за таквиот потег.

На тоа се надоврза и раководството на француската Лига 1 со барање до УЕФА за моментно одобрување на трансферот на Нејмар кој на крајот мораше и сам да се откупи на „Камп Ноу“ за што поскоро комплетирање на зделката.

Доцна попладнето се јави и Барселона со соопштение во кое се наведува дека посочената сума во откупната клаузула е платена за расчистување на целата ситуацијата и ставање крај на трансфер сагата на Бразилецот во ПСЖ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top