| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија ја голтаат пожари, Заев и министрите се пакуваат за одмори

Десетина дена горат илјадници хектари шума низ цела Македонија, гори и дивата депонија во Струга, а Министерството за пропаганда ѝ ги замчкува очите на јавноста со „скормноста“ на министрите на Заев, кои ќе си дадат оддишка со само неколку дена одмор, претежно за викендите.

Струшката депонија повторно гори, граѓаните се гушат во канцероген чад

Додека скромните министри ги пакуваат куферите, пожарите ја голтаат Македонија, го загрозуваат животот на граѓаните и нанесуваат несогледлива штета.

Жално е да се гледа како пожарите со денови никој не ги гаси, а владините министри само ги интересира поставувањето на директори, возењето во министерски автомобили и вработувањето на најблиските соработници од СДСМ, невладиниот сектор на Сорос или т.н. Шарена револуција.

Во Скопско, на патот од Рашче кон Радуша, поголем пожар, кој се шири кон селото Свиларе, опожари борова шума, а во пожар во Кавадаречко изгоре смрека и сува трева.

Два пожари беснеат во Македонија

Пожарот во атарот на селото Требовље се заканува да го пеплоса селото. Мештаните веќе 10 дена по социјалните мрежи алармираат за состојбата со пожарите.

Од МВР велат дека пожарот во атарот на селото Требоље, Македонски Брод зафаќа голема површина и оти засега не е локализиран.

Оваа информација ја потврдуваат и од Центарот за управување со кризи. Се работи за два пожара од кои едниот е од месноста „Круша“, атар на селото Близанско со правец на движење кон Требовље, а вториот пожар е од Требовље со правец на движење кон месноста „Лутоец“ и Фојник. Поради високите температури и лошиот терен, пожарот, со којшто е опфатена борова шума, се уште е активен.

Вчера попладне пожарот бил пристигнат до патот во близина на селото Требовље и биле загрозени првите куќи од селото.

Албанија, Бугарија, Грција – министрите ќе се сончаат и ќе шират добрососедство

Половина од актуелните функционери својот годишен одмор ќе го поминат во соседна Грција. Според информациите добиени од владината пресс служба Владата нема да користи класичен, колективен одмор. Секој од министрите ќе биде отсутен во одреден период од месецот што следи.

Зоран Заев годишниот одмор ќе го користи од 3 до 6 август, и со своето семејството ќе престојува во Охрид. Доколку дозволуваат работните обврски, ќе искористи и дел од викендите во текот на август.

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска – Јанковска, ќе искористи пет дена за одмор со семејството кој ќе го помине во Грција. Медиумите минатата година пишуваа дека Шеќеринска одморот го поминува на својата луксузна јахта. Дали оваа година повторно ќе биде така, нема информација во владиното соопштение.

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, за одмор ќе ги користи само викендите во август, без одредена дестинација.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, нема да користи класичен одмор, но доколку дозволат работните обврски, ќе искористи неколку викенди, најверојатно во Албанија.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, неколку дена со семејството ќе престојува во Грција, а министерот задолжен за комуникации транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, нема да користи официјален одмор, но ќе ги искористи викендите од август за да помине денови со семејството на локации во Македонија и Грција. Министерот за здравство, Арбен Таравари, ќе летува во Бугарија. Министерот за земјоделство, шумарство и  водостопанство Љупчо Николовски, својот одмор ќе го искористи во август, а локацијата се уште ја нема утврдено.

Во Грција на неколку денови одмор со семејството ќе отпатува министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, а во соседна Албанија и во Струга ќе одмора министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми ќе искористи четири дена за одмор во Грција, а планира еден викенд да одвои и за Опен Фестивалот во Струмица. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, одморот со времетрање од пет дена ќе го искористи во текот на август, а локацијата се уште ја нема утврдено. Пет дена ќе искористи и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, на локација близу Солун во Грција. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ќе искористи денови во текот на август, но сè уште не одлучил на која локација.

 

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Рамиз Мерко ќе помине неколку денови со семејството во родната Струга. Министерката без ресор за странски инвестиции Зорица Апостолска ќе ја искористи последната недела од август да оди на одмор со семејството и ќе ги посети фамилијарните куќи во Отешево и Лазарополе.

Два продолжени викенди во текот на август ќе искористи министерот без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ. Одмор нема да користи министерот без ресор задолжен за подобрување на состојбата на Ромите, Самка Ибраимовски.

Испланиран одмор досега немаат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, министерката за образование и наука Рената Тренеска Десковска, министерот за правда Билен Саљији и заменикот на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика. Одмор нема да користи министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top