Првпат си во Скопје и во Македонија, земјата што ќе ја претставуваш на интернационално ниво. Како се чувствуваш тука и какви се твоите првични впечатоци?
ТЕОДОР: Јас не знаев што да очекувам од Македонија. Имав слушнато многу за земјата од Бо Мекелеб, кој ми е многу близок пријател. Тој ми рече дека градот е многу убав, дека луѓето се прекрасни, а кога зборуваме за кошарката, дека имате, навистина, одличен тим и дека овој спорт е многу популарен во земјата. Сите тие работи што ми ги кажа се покажаа како точни. Луѓето се топли и фини, имав можност да посетам неколку ресторани во градот и храната е одлична. Ноќниот живот е, исто така, добар и градот, навистина, ми се допаѓа.
Го имаше своето деби за Македонија, а во моментов тренираш со другиот дел од екипата. Каков е твојот прв впечаток од македонската кошаркарска репрезентација и од нејзиниот квалитет?
ТЕОДОР: Имаме, навистина, добар тим. Квалитетни играчи и многу добри шутери кои играат на високо ниво. Капитенот на тимот, Војдан Стојановски, неодамна потпиша за турски клуб, а има повеќе одлични играчи со многу искуство. За мене ова ќе биде првпат да играм во репрезентацијата и се потпирам на нивното искуство бидејќи тие играле заедно и имаат претстава како ќе се движи мечот и што можат да очекуваат од тимот. Тимскиот дух е на високо ниво, сите добро се согласуваат, се дружиме и иако не би сакал ништо да предвидувам, мислам дека ќе имаме успех заедно. Јас сум победник, дојден сум тука да победувам, а токму тоа сакам да го правам и со македонската репрезентација.
Се споменуваше и враќањето на Перо Антиќ во националниот состав. Колку би било големо ова засилување на екипата?
ТЕОДОР: Значајно засилување, во секој случај. Навистина би сакал да играм со Перо. Сме играле еден против друг во Турција и знам дека е одличен кошаркар со многу искуство и од НБА-лигата и би било одлично и тој да ни помогне.
Како најкорисен играч минатата сезона во Лигата на шампионите на ФИБА, веројатно си имал понуди и од други национални селекции. Кој беше клучниот фактор за да ѝ се приклучиш на репрезентацијата и дали двата македонски тренера што работеа со тебе во Банвит, Сашо Филиповски и Боби Митев, играа главна улога во оваа одлука?
ТЕОДОР: Тие беа многу важни за мене, освен информациите од Бо, кој ми рече дека нема да згрешам доколку се приклучам. И мојот агент има добра репутација тука, па и тој имаше влијание на мојата одлука. Сепак, може да се каже дека Боби и Саше беа клучни во оваа ситуација, сега тука во Скопје повторно ќе се видиме. Тие, дефинитивно, многу ми помогнаа да ја донесам мојата одлука и ми рекоа дека ова ќе биде одлично место за мене. Освен за кошарката, ме информираа дека ова е место што е прекрасно во лето и каде што може и да се ужива.
По Трофејот на Македонија следуваат четирите клучни натпревари со Косово и со Естонија во претквалификациите за Европското првенство во Кина. Кои се твоите очекувања од овие мечеви?
ТЕОДОР: Јас сум фокусиран на кошарката. Важно ми е да победувам во секој меч, но знам дека нема да биде лесно,особено на гостувањата каде што нѐ чекаат и натпревари со тимови со кои постои ривалство. Сепак,знам дека ќе бидам подготвен за игра и на највисокото мое ниво. Сѐ додека бидеме фокусирани и останеме сите здрави, мислам дека ќе оствариме позитивен резултат.
Со нетрпение ги чекам тие натпревари. Игравме неколку пријателски натпревари, па едвај чекам да излезам на теренот и да се натпреварувам.
На пријателскиот натпревар против Бугарија заработи една повреда. Колку е сериозна и кога може да очекуваме да се вратиш во врвна форма?
ТЕОДОР: Одам на терапија двапати на ден, но не станува збор за нешто посериозно. Тоа беше последица од еден удар што го добив. Ако го гледавте мечот со Бугарија, се најдов на паркетот неколку пати. Јас сум темпераментен играч, го напаѓам обрачот и секогаш се обидувам до дојдам до топката, па во една ситуација паднав незгодно и заработив мала повреда. Затоа се решивме да не ризикувам и да не продолжам да играм на тој меч за да бидам максимално подготвен за дуелите со Косово и со Естонија. Од федерацијата и тренерите, исто така, се согласија дека не треба да се ризикува и бев среќен што ја сфатија ситуацијата.
Повредата не е ништо сериозно и сега сум фокусиран да бидам максимално подготвен за важните натпревари што следуваат. Ми беше задоволство да ги гледам соиграчите на мечот со Португалија како и без моја помош одлично ја завршија работата.
Освен тоа што стана дел од нашата репрезентација, летово потпиша и за италијанскиот кошаркарски гигант Армани Милано. Кои се твоите очекувања од новиот тим?
ТЕОДОР: Очекувам многу, особено по сезоната што ја имав во Банвит, многу луѓе очекуваат сѐ повеќе од мене. По сезоната што ја имаше Милано во која не остварија посакуван резултат, сега имаат повеќе нови играчи и, навистина, се радувам за тоа што ме чека таму.
Во минатото слушав и негативни работи за мене, дека не сум подготвен да играм на највисоко ниво, но сега сум подготвен да го докажам спротивното во Евролигата. Таму има квалитетни играчи и сите сме гладни за успех. Овие можности не се добиваат често, да се игра Евролига во еден од најголемите клубови во Европа, а тука се навивачите на кои сакаме да им прикажеме добра игра. Сепак, победувањето ќе биде најважно, а јас, како и секогаш, ќе дадам сѐ од себе на теренот.
Разговараше: Горан Зивчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Џордан Теодор е објавено во 256. број на неделникот Република, 28.07.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Селекторот Давитков добил отказ од клубот: Репрезентацијата на Македонија е една, клубови имало и ќе има
-
Македонија против Словачка и Швајцарија во претквалификациите за ЕП 2021
-
Клучен меч за Македонија: Нашите кошаркари од 17.30 часот на мегдан со Естонија
-
Цените популарни, за 200 денари бодрете ја македонската кошаркарска репрезентација