| четврток, 6 декември 2018 |

Народе македонски, колку ќе биде тежок бугарскиот јарем?

Договорот за соработка помеѓу Бугарија и Македонија е груб говор на омраза кон македонскиот народ!

Алдо Климан

Денот на разврската околу сосема личниот и речиси приватен договор на Зоран Заев и на неговиот министер за надворешни работи Никола Димитров со бугарските лидери околу договорот за соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија секавично наближува. Во секој случај, тој договор de facto е и мора да се сфати исклучиво како приватна зделка на само неколку лица од едната и од другата страна, зашто се одвива во нивен најтесен круг, во голема конспирација и далеку од очите и ушите на македонската јавност, која е осудена на тоа само да претпоставува колку ќе биде тежок и колку болно тесен бугарскиот политички јарем што на ваков див и диктаторски начин му се става околу вратот на македонскиот народ.

А дека јаремот ќе биде и тежок и тесен како старите поробувачки и потценувачки пранги од кои македонскиот народ низ најтешки политички и крвави борби се ослободувааше цели 150 години и, еве, до ден-денес никако да се ослободи, лесно може да се заклучи веќе од скржавите информации што се наѕираат меѓу редовите на препотентните пораки што ни доаѓаат од соучесниците во овој грд и подмолен меѓународен комплот.

Стилот и начинот на кој, по повод договорот, кон македонската јавност и кон македонскиот народ се обраќа министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева е крајно агресивен и дрзок, безобразно потценувачки и безусловен. Веќе тоа кажува се’! Така не разговараат оние што ви се пријатели, или оние што склучуваат пријателски договори.

За министерката Захариева и за премиерот Борисов едноставно не постои македонскиот народ. За нив постои само бугарски народ во Република Македонија.

За нив не постои македонскиот јазик. За нив постои само бугарски јазик и западно-бугарски дијалект во Македонија.

За нив не постојат македонската култура и македонски национални традиции. За нив постојат само бугарска култура и бугарски национални традиции во Македонија.

За нив не постои одделна македонска национална историја. За нив постои само заедничка бугарско-македонска историја која, со оглед на непризнавањето на македонскиот народ, на јазикот и на културата и традициите, според нив всушност е бугарска историја за која, како што рече министерката Захариева, по потпишувањето на договорот „ќе се пишуваат нови учебници врз основа на научните факти”. Веројатно таа е најкомпетентниот стручњак во светот за научните факти за историјата на Македонија, па знае што зборува!

Она што, во овие грозоморни натпревари во политичка жабја надуеност, посебно ги боде очите е тоа што од бугарска страна, и се разбира и од самиот Заев, повеќепати е најавен бугарско-македонски мониторинг кој ќе се врши врз македонските медиуми за да се следи каква ќе биде рецепцијата на односите помеѓу двете држави по потпишувањето на договорот и дали, не дај Боже, ќе има негативни тонови, со акцент на заедничката бугарско-македонска борба против говорот на омразата.

Освен што овие ужасно опасни диктаторски бугарско-македонски изјави претставуваат и најдиректно и најфлагрантно мешање во медиумскиот простор на една друга суверена земја, но и груба закана против слободата на медиумите и слободата на мислењето и на изразувањето воопшто, тие во себе носат и неподносливо голема доза на недвосмислен говор на омраза.

Поимот „говор на омраза”, изговорен од устата на перфидните политичари, како во случајот околу овој договор, е само една евтина флоскула, стандардна подмолност завиткана во розов целофан.

Еве што ќе им речеме по повод говорот на омразата на предавникот на својот народ Зоран Заев, на неговиот министер Димитров и на нивните бугарски патнери во оваа матна меѓународна зделка со далекусежни последици за Македонија и за македонскиот народ, господинот Борисов и госпоѓата Захариева:

Договорот за соработка на Република Бугарија и Република Македонија во оваа и вака најавена форма е всушност најгруб говор на омраза кон македонскиот народ!

Зарем има поголема омраза кога на еден граѓанин на светот не му го признаваш цивилизациското право да се чувствува тоа што е, и во национална и во секоја друга смисла, да не му го признаваш неговиот мајчин јазик, да го именуваш со туѓо име, националната историја на неговиот народ да ја присвојуваш како своја.

Оттаму, господа Заев, Димитров, Борисов и Захариева, најпримитивен и најприземен говор на омраза е кога вие мене и моите сестри и браќа Македонки и Македонци не’ сметате и во завиткани дипломатски формулации не’ прогласувате за Бугари, а нашите сестри и браќа Македонки и Македонци во Пиринска Македонија, во Грција, во Албанија и секаде во светот каде што живеат ги сметате и ги прогласувате за Бугари. Тоа е бесен говор на омраза!

Вашиот говор на омраза нема крај кога мојот прекрасен мајчин, древен и единствен македонски јазик го наречувате бугарски!

Вашиот говор на омраза не запира и неизмерно расте во агресивноста кога националната култура и националните традиции на мојот стар и достоинствен македонски народ вие ги нарекувате бугарски. Па, вие многу добро знаете дека целиот свет, на сите континенти, со уживање и со восхит ги пее, ги игра и ги именува со името македонски нашите најубави народни песни и ора! А само вие во Бугарија ги нарекувате бугарски. Ете, тоа како вие ги нарекувате – тоа е говор на омраза, пар екселанс!

Но вашиот говор на омраза и натаму е во постојано крешендо, и вие националната историја на нашиот македонски народ ја нарекувате бугарска, или заедничка бугарско-македонска, а целокупната фикционална бугарска историографија стотина години се убива да го докаже само бугарскиот карактер на македонската историја.

Ете, господа, тоа е говор на омрза на дело! Никој не мора да врши надгледување над овој вид на ваш говор на омраза што по столетни лаги и измислици сега треба да се потврди и со меѓународен договор, и да стане „говор на заемна љубов”. За таква љубов и пријателство меѓу нашите два народа доволно е само да не’ признаете за она што сме – Македонци, и да не ја злоупотребувате предавничката потписничка рака на Зоран Заев за национално невалиден договор што македонскиот народ секако ќе го поништи. Сигурен сум дека Бугарија може сето тоа со Македонија да го направи и подобро и подостоинствено!

Македонскиот народ е благ и пријателски, и не познава ксенофобија и шовинизам. Македонскиот народ само се брани од туѓи посегања и од перманентниот говор на омраза кон него, кон нашата татковина, кон нашето име, кон нашата национална култура и историја. Отпорот на македонскиот народ кон говорот на омразата што кон него се истура од сите страни, па еве и во овој бугарско-македонски договор, вие, потенцијални потписници од едната и од другата страна го нарекувате национализам. Колку плитко и злонамерно!

Ако националната борба за слобода, правда и право на своето име, на својот јазик, на својата култура, на својата историја и на својата татковина меѓу слободните народи на светот некој го наречува национализам – зарем во тоа има нешто срамно? Ма, навистина се веќе здодевни и излитени тие соцреалистички застрашувања, стигматзации и етикети. Што ни е нам гајле за нив и за тоа кој ги употребува на наша сметка?! Нас Македонците не’ интересира само нашата слатка слобода и достоинствен соживот со народите во светот и со нашите први соседи, кои во овој трет цивилизациски милениум конечно би требало да си ги приберат ограбувачките канџи.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top