Лидерот на СДСМ Зоран Заев признава дека СДСМ водел погрешни политики, особено, како што рече во емисијата „Патот кон“ на Алсат- М, обидите да се игра на патриотска карта за да се добијат политички поени.
Заев вели дека последните потези на СДСМ како поддршката на Законот за бранители и етничките коалиции во Струга и Кичево се грешка на партијата. Новиот лидер тврди дека таквото однесување не и личи на партијата, а според него требало да се најде решение и за поранешните припадници на ОНА.
– Се обидовме во неколку наврати да играме на карта на патриотизмот како партија на која не ни приличи тоа. И тука апсолутно загубивме. Чесно е да признаеме за да бараме шанса за во иднина да не правиме вакви грешки. Од нас народот не очекува да изиграваме патриоти. Ние сме државотворната партија, ние сме партијата која беше пример за мултиетничкиот соживот, ние сме партијата која ја стави на стабилни нозе оваа наша земја, така да обидувајќи се да ќариме поени кај граѓаните играјќи на патриотски варијанти, како Законот за бранители, Струга, Кичево, не ни приличат нас. Луѓето очекуваат ние да бидеме сплотувачкиот фактор, вели Заев.
Заев јавно ги изнесе имињата на неговите најблиски соработници како Радмила Шеќеринска на функцијата потпретседател на партијата, Оливер Спасовски – генерален секретар и даде до знаење дека во партијата нема да има место за оние кои заминале од партијата и во континуитет ја критикувале.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


