| четврток, 6 декември 2018 |

Министер за броење дупки

Роден на 3 август 1973 година во Прилеп

Образование: дипломиран правник

Професија: политичар, министер за транспорт и врски

 

Оние кои не го познавале до шестоноемврискиот конгрес на СДСМ го запознаа како извисениот координатор на пратеничката група на СДСМ. Еден од оние кои мораа да станат за да седнат шарените.

Оние кои го познаваа, без разлика на верска, етничка, и секако, партиска припадност, останаа занемени што токму претседателот на раштиманиот клас остана да клечи зад врата.

Како и да било, еве сме половина година подоцна, исправувањето на вековната неправда што му беше нанесена на Сугарески предизвика вековна штета на капиталните инфраструктурни проекти што се спроведуваат во Македонија, што, пак, ѝ заби нож во грбот на кревката економија.

Од зад врата директно во министерска фотелја. Сугарески го доби ресорот транспорт и врски. Па така, месец и половина читаме дека министерот Сугарески „на терен“ регистрирал „многу проблеми и огромни пропусти при изградбата на автопатиштата“, а неделава дојде ред исто толку „дупки“ Сугарески да ги изброи и во водоснабдителниот систем во Гевгелиско.

Со финансиска поддршка од ИПА-фондовите, Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски на 15 февруари беа удрени темелите на новиот систем за водоснабдување, кој беше предвидено да го подобри водоснабдувањето за 17.000 жители во Гевгелија, Мрзенци, Моин, Богородица, како и Селеми и Стојаково во општина Богданци.

Овој проект е важен, зашто освен непречено снабдување со чиста вода за пиење на овие места, ќе придонесе и за развој на локалната економија преку создавање можности за отворање земјоделски преработувачки капацитети, индустриски капацитети и нови мали бизниси, но и развој во примарното и секундарното сточарско производство, изјави тогашниот министер за финансии Кирил Миноски.

Евроамбасадорот Жбогар, пак, нагласи дека ваков проект се спроведува првпат во рамките на кампањата „ЕУ за тебе“ и со многу пофални зборови објасни дека очекува благодарение на проектот  да се зачува здравјето на населението, да се зголемат заштедите на домаќинствата и да се унапреди локалното стопанство.

Е убаво што вели Миноски, убаво што очекува Жбогар кога Сугарески најде дупка во проектот и им плукна в лице. И настрана поранешниот министер или великиот емисар од Европа, зашто поголем од жедниот народ нема – Сугарески не кажува ниту зошто ниту, пак, колку долго 17.000 илјади жедни гевгеличани ќе чекаат за вода за пиење? Додека охриѓани не добијат автопат или пак додека прилепчани не ја исправат трасата до Градско?

Нехумана политичка борба со несогледливи последици.

Несомнено гевгеличани ќе се жедни, а министерот за транспорт и врски ја блокира изградбата на новиот водоснабдителен систем во општина Гевгелија поради, како што објаснува „битни пропусти и недостатоци“. Несфатливо е за какви пропусти се работи, кога тендерската документација е подготвена и одобрена од страна на Европската инвестициона банка, доделувачот на грантот, а објавена од страна на Министерството за транспорт и врски.

Оваа одлука е донесена само еден ден по посетата на ревизорот од Романија, претставник на ЕУ, при што беше констатирано дека изградбата на новиот водоснабдителен систем се одвива според планот.

Во меѓувреме, додека економијата трпи, капиталните проекти чекаат, нема пат кој води до Охрид ниту капка вода во насушна Гевгелија, а за сето тоа виновни се дупките кои му се причинија на министерот за транспорт и врски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top