„Јас сум невин! Не сум сторил ништо! Многу ме посрамотија и мене, но и вас, моите најблиски“, ѝ рекол новинарот Томислав Кежаровски на својата сопруга за време на нивната прва средба по неговото притворање. Средбата меѓу новинарот Кежаровски и неговата сопруга Марина траела дваесетина минути, а бил остварена во просториите за посета и во присуство на униформирани лице од затворот „Скопје“, во Шуто Оризари, пишува „Утрински весник“.
– Не знам што очекуваат од мене? Веројатно очекуваат дека треба да завршам како колегата Владо Таневски? Јас им кажав дека мене ќе ми судат судии, но ним ќе им суди Господ – ѝ рекол Кежаровски на првата средба на сопругата откако пред точно една недела му беше изречен 30-дневен притвор поради сомневање дека пред пет години открил идентитет на лице, кое во судска постапка имал статус на заштитен сведок.
– Беше тоа мачна средба. Со Томче се видовме првпат по упадот на маскираните полицајци во нашиот дом, кога дојдоа да го приведат. Јас се интересирам и го прашувам како му е, а тој се интересира за нас, домашните. Можеби стопати ме праша како е ќеркичката – неговата миленичка – раскажува Марина Кежаровска и вели дека многу му значи што таа мисли на него. Ми вели дека постојано кога девојчето ќе видеше некое апсење на телевизија, ѝ објаснувал дека луѓето под маски се добри и дека тие се борат против криминалот, а сега тие исти луѓе со маски дошле по него… Нему сега најголем проблем му е да ѝ објасни на ќерката дека тој не е криминалец и дека не направил ништо лошо. Му реков да не се грижи за нас и да се гледа себеси. Му кажав дека ние сме горди на него и дека за нас, домашните, за неговите колеги и пријатели тој е невин и дека поддршка добива од сите страни, а најмногу од новинарите – вели Кежаровска за „Утрински“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


