| четврток, 6 декември 2018 |

ФХ3Х работеа на ефектите на „Спајдермен: Враќање дома“, премиерата в четврток

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во изработката на визуелните ефекти на филмот „Спајдермен: Враќање дома“, чија премиера во Скопје е предвидена за 6 јули.

Кристијан Даниловски, ко-сопственик и основач на ФХ3Х истакна дека на овој проект работеле од јануари до мај годинава, со тим од околу 70 артисти.

– Марвеловите филмови ни се особено драги проекти, бидејќи сме фанови како компанија, но сепак моментот кога ќе си го видиме името на одјавната шпица, како што е на пример последниот проект, Трансформери: Последниот Витез, кој имаше премиера минатата недела, е токму тој момент, непроценлив, радост за целиот тим, причина да се гордееме со тоа до каде сме стигнале, изјави Даниловски.

„Спајдермен се враќа дома“ е американски филм за супер херој базиран врз карактер од Марвеловите стрипови, шеснаесетти филм во низата Марвелови суперхерои и втора екранизација на главниот лик. Режисер е Џон Уатс, а главните улоги ги толкуваат: Том Холанд, Мајкл Китон, Џон Февре, Доналд Гловер, Зендаја, Мариса Томеј и Роберт Дауни Џуниор.

Премиерата на „Спајдермен се враќа дома“ се одржа во Холивуд на 28 јуни. Светска проекција ќе почне на 7 јули, ден по скопската премиера, која ќе се случи на 6 јули во киното Синеплекс.

Критиката филмот го оцени за многу позитивен, а даде високи оценки и за актерската игра на Холанд. Продолжението на Спајдермен веќе е закажано за 5 јули 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top