Земјоделска Македонија заборави на земјоделците. Поради сушата, прогласување на елементарна непогода бараат и земјоделците кои работат на македонските ниви. Тие велат дека сушата предизвикала намалени приноси на јачменот за 70 и на пченицата за 50 отсто, а бараат обесштетувањето да биде 30.000 денари по хектар. Барањето веќе е доставено до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Земјоделците не сакаат да имаат привилегии, туку сакаат да се утврди фактичката состојба со приносите на житните култури. Бараме комисиите формирани за штетите од градот и поплавите да ги проценат и штетите од сушата, истакна Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Хаосот во земјоделството го става на испит новото државно раководство за можноста да одговори на потребите и на земјоделците и на пазарот. Потврда за тоа е и состојбата со која се соочуваат овоштарите. Ниту протести и фрлањето на родот не им помогнаа да се изборат пред политичките пресметки. Во услови кога пазарот бара повеќе сезонско овошје, домашните производители мака мачат да договорат соодветна цена за своите производи.
Овоштарите го блокираа и патниот правец Росоман – Прилеп и ги расфрлаа праските по регионалниот пат за да покажат дека подобро плодовите да скапуваат по патиштата отколку за без пари да им ги предадат на откупувачите. Земјоделците се убедени дека нема ниту минимум почит за работата која ја работат, па најавија дека ќе ги исечат и засадените овоштарници за да покажат дека нема да работат за некој друг да си ги полни сметките.
– Имаме голем проблем, затоа што немаме купувачи, праската не оди. Не е како минатата година, цените се ниски. Критериумите на рускиот пазар се зголемени, не можеме веќе да настапиме. Да дојдат тука, да седнеме да разговараме и да се обидат да ни го решат проблемот, вели Игор Милошевиќ, претседател на Здружението на овоштари „Росоманска долина“.
Овоштарите најавија и радикализација на протестите тврдејќи дека само гајбата за пакување на овошјето ги чини 25 денари. Дополнително велат иритираат информациите кои стигнале до нив, а кои укажуваат на увоз на праски од Грција и Албанија за задоволување на домашните потреби.
Тие побараа, а Владата одлучи да им помогне со ни помалку ни повеќе туку дополнителни 6 денари помош по килограм.
– Владата на Република Македонија донесе одлука за дополнителна финансиска поддршка на производителите на праски со слаб квалитет. Станува збор за финансиска поддршка на производителите на праски, со откупна цена до 5 денари, што во периодот од 12 до 30 јуни ќе се искористат во преработувачките капацитети. За да им помогне на овие земјоделци, Владата одлучи да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за праските со ниска цена поради лошиот квалитет, од по 6 денари по килограм, соопштија од владината прес-служба по одржувањето на осмата владина седница.
И додека директно засегнатите мака мачат со родот и откупните цени, ресорното министерство сѐ уште бара начин за исплата на потребните субвенции.
Во вторник се очекува да продолжи исплатата на субвенциите од 2016 година. Сите пречки за реализација на преостанатите 25 милиони евра за 24.000 пријавени се надминати, освен прашањето со а.д. „Водостопанство“, тврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– Со министерот за финансии направивме натчовечки напори средствата да бидат обезбедени. Блокадата од а.д. „Водостопанство“ трае, но се надевам дека до вторник наутро ќе биде разрешена. Со директорот на претпријатието договоривме да овластиме луѓе кои деноноќно ќе работат за да ги внесат податоците во подружниците за должниците – истакна Николовски.
Од Министерството велат дека се подготвени да извршат исплата на субвенциите во истиот момент кога ќе бидат изготвени решенијата во Платежната агенција.
Пишува: Кристина Николова- Кузмаовски
(Текст објавен во 252. број на неделникот „Република“, 30.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Блокиран патот Радовиш-Струмица, земјоделците протестираат
-
Николовски: Се прават максимални напори за извоз на праските во други земји
-
Вратени три пратки овошје од Русија поради заразеност од инсекти од друг вид