| четврток, 6 декември 2018 |

Андреј Жерновски да го прочита големиот Блаже Конески

На денешниот протест против информацијата дека градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски планира да забрани изградба на црквата „ Св. Константин и Елена“ во центарот на Скопје, еден од демонстрантите  му порача на на Жерновски да ги прочита стиховите на големиот Конески кои што се однесуваат на потребата од градење на верски објекти.

Песната на која што мислел средовечникот верник е МАРКОВИОТ МАНАСТИР , една од најубавите македонски песни кои што зборуваат за важноста од градење на нови цркви за да се одржи духот на нацијата.

Во предговорот на песната Блаже Конески пишува дека таа е напишана „За гревот, за седумдесетте деца што умреа кога го ѕидаше калето, Марко направи седумдесет цркви“.

Според инфорации од познавачи на неговото дело и живот Блаже Коневски за време на пишувањето на песната постојано ронел солзи не можејќи да ги совлада силните емоции.

Прочитајте и сами со какви емоции се борел Конески пишувајќи за изградбата на Марковиот манастир за која слушал од неговиот дедо и баба и родители.

Народна легенда

Направив манастир на скришно место,
Да стои долго самотен,
Да кажува некогаш за мене.
Рушители, нема да најдете во него злато и сребро,
А само студена полутемнина
Како во таговна душа.

Кога го престапив првпат прагот од папертата,
Плочите болно екнаа под моите нозе
Што дури запрев —
И темна тишина потоа до последна жилка ме полази
Како морници што лазат.
Двајца светци, од двете страни на црковната врата,
Со исплашени погледи,
Со дланки испружени пред себе,
Ме предваруваа возбудено да не одам понатаму.

Но јас жедно стапив под сводовите на кубето
Како да се запознавам веднаш самиот себе.
Погледав наоколу
И ѕидовите се раздвижија —
Нејасни прилики, притаени во полумракот,
Како што одам ме пречекуваат,
Ми пристапуваат молчаливо и грозно:
Лица со израз на безумно страдање,
Мрачни воини со испрекрстени копја и мечови,
Тажачки крај мртовечки одар,
Тела прободени со стрели на издишување,
Згрчени во најврховната мака,
Деца загубени во врволицата
Со врбови гранчиња во раката.

Одам, несвесно, наоколу
А целото тоа мноштво ме обиколува,
Ме испреплетува во кошмарен јазол,
Молчаливо ме следи и чека нешто од мене.

Зборнете! — реков, —
Но мојот глас ја урна тишината меѓу сводовите
И ме остави сам пред привидот на мојата свест,
Зашто тие бешумно се повлекоа
И пак се притаија по ѕидовите.

Запрев пред олтарот како да ќе се помолам Богу,
Уште несмирен.
И тогаш дочув јасно женско липање од сводот:
Тоа Рахила ги кренала очајно рацете,
Крши прсти
И плаче над мртвите младенци,
Тажи во вселената.

Јас излегов избезумен од црквата
И зачекорив надолу.
И ми се причини како моите удови да стануваат столбови во одот,
Како сум да засводен со кубе,
Како да ја носам во себе студената празнина на манастирот,
Но за сето време знам —
Темните прилики молчат во мојот мрак,
Нема бегство, нема прошка и нема оставање спомен.

Јас викам — запалете кандило! —
Но моето срце е изгаснато огниште, пепел по тланикот,
Одам и чувствувам:
Го носам манастирот в гроб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top