Заев и неговата влада се одличен доказ на Ајнштајновата теорија на релативноста. Не дека имаат поим за и од неа, туку, едноставно, како по навика, не сакајќи ја докажаа.
Да, наједноставниот начин на кој најголемиот ум на светот им ја доловувал и доближувал релативноста на обичните и помалку обичните смртници, како на пример на американскиот претседател Рузвелт, е дека еден час со прекрасна жена ви изгледа како една минута, а неколку секунди со нога на парче жар ви прилегаат на денови.
Нашиот прекален муртински спасител, пак, докажа дека времето, дефинитивно, е релативно. Истиот тој за само три недели владеење успеа да направи толку многу грешки, небаре е на власт три години. А гледано од квалитетот на „реформите“, можеби и повеќе т.е. не го „перат“ ни децении. Сите претходни влади, едноставно, можат само да му „подзавидат“ на сработеното. Оптимистите ќе речат, лош старт, ќе се „поправи“. Песимистите ќе се прашуваат дали за некоја година, ако продолжи вака, Македонија воопшто и ќе постои. Реалистите, пак, ќе се надеваат дека лудилото нема да трае и дека неговата влада ќе падне пред да влезе во „шема“ и пред да стори уште поголема штета. Логичен чин, но логиката не е силна страна на дејствата на СДСМ, на што наведува блиската и подалечна историја. По ноќта доаѓа денот, а по глупостите при владеење паѓа влада, нели? Арно ама, тие не ни требаше да бидат во неа, така што кога „чадорот“ реди, не барајте логика…
А, ако по утрото се познава денот, нѐ чека долг, турбулентен ден со многу омраза, реваншизам и набиена антимакедонска агенда, ден во кој социјалдемократските опортунисти ќе ја покажат целата грдотија на своето партиско лице. Истите тие за чијшто лидер беше и е грдо лицето на Македонецот. Разбирливо, затоа што, очигледно, ниту го разбира, ниту му значи нешто. Прашајте ги Борисов, Коѕијас, Каракачанов, Каменос и дузина други „македонољупци“, ќе ви кажат најубави зборови за Заев…
Заевите опортунистички политичари коцкари стапија на сцена
Знаете, една стара прикаска вели дека кога мајката ѝ давала совети на ќерката за идниот сопруг, велела: „Ако е женскар, немај гајле, сакал-неjќел со годините ќе му помине. Ако е пијаница, и тоа не е страшно, или ќе му помине желбата или ќе умре со алкохолот. Ама, ако е коцкар ќерко, бегај и не врти се, нему му нема спас! Ќе те уништи и тебе и сите околу него!“
За наша жал, во моментов, Македонија се соочува токму со влада на политички коцкари, цела опортунистички настроена алеаторска орда, која нема никаков проблем заради својата кариера да ги заложи целата земја, идентитетот, историјата, јазикот, името, грбот и химната.
Не верувате? Премногу ви е? Тогаш, сетете се само како почна кариерата на „определениот“ премиер, како две недели потоа се најде на истото место на злосторството за сите функционери од ЕУ да му кажат дека мора да го смени името за влез во Унијата и во НАТО, што бидна во Грција со неговото протеже Димитров и со последната, трагична посета на Бугарија. Ако ви е малку, споменете си за кумот на двојазичноста во Берн, за божемната вина на Македонија кон соседите, споменете си за грдото лице на Македонецот итн. Недоветните и „неверните Томи“ и натаму ќе велат дека е премногу рано, дека Заев и неговата влада, можеби, и не се толку одлепени и бескрупулозни, ќе бараат да им се даде време и ќе ги правдаат ли правдаат. Исто како и довчерашните опозициски, сега ултрапровладини медиуми, „професионални“ чеда возљубени во Соросовиот сеф, кои доживеаја силна метаморфоза, па сега секојдневно во своите вести и весници пеат химни за Владата и пишуваат епови за Заевите успеси и за неговите неверојатно убави и крајно интелигентни министри со страшен потенцијал.
Во исто време, додека како канцер се шират низ македонските институции, недоветните прокламирачи на демократијата сѐ појасно покажуваат и докажуваат дека за нив ништо не е свето и дека, дефинитивно, за нив власта ги оправдува средствата.
Поведени од Соросовата идеологија на непостоењето нации и идентитет и раководени и теледиригирани од Џорџовиот наднационален механизам (кој кај него е само фантазија, а во РМ пуста реалност), тело што во неговата теорија треба да ги раководи владите на „независните“ држави, Заевата влада стана најуспешниот модел и пример на исполнување на болните фантазии на амеро-унгарскиот милијардер и социопат. Фер, барем од нивна гледна точка, затоа што македонските Борги му должат милиони инвестирани во времето кога им беше најтешко во опозиција, пари што и ги донесоа на власт.
Како најзадолжената европска партија ќе ги врати долговите?
СДСМ преку своите медиумски мегафони се обиде да ја рашири прикаската дека неговиот опонент, ВМРО-ДПМНЕ, била најбогата партија во Европа. Колку и тоа да звучи смешно, дел од народот, кој секогаш со доза на скепса гледа кон ВМРО-ДПМНЕ, а со восхит и пиетет кон дејствата на СДСМ, истиот тој што има навика ретко да џвака, а почесто да голта, ја „прими“ без резерва и оваа небулозна прикаска.
За нивна жал, пак, наспроти смешката дека ВМРО-ДПМНЕ во релативно сиромашна земја со два милиони жители е најбогатата партија во Европа, вистината е дека СДСМ се убедливо најзадолжената партија на стариот континент. Тоа е непобитен, поразителен факт. Веројатно, тој багаж е најголем и во светски рамки, барем во моментов.
Настрана што СДСМ должи на сите страни и има повеќе побарувачи на долгот. Како и секој коцкар, нели. Прашајте го Џамбазов. Проблемот е што нашите политички алеатори се задолжени кај многу „донатори“ и политички „лихвари“, кои, очигледно, ги брзаат за враќање на подареното.
Така, Заев и СДСМ сега во најкус рок треба да го исполнат ветеното. Проблемот е што, веројатно притиснати со уште многу години во опозиција, а лидерот и опкружувањето и со затвор поради незаконските дејства, тендер и уцени, тие ветиле дека можат да испорачаат во предвидениот, неверојатно кус термин. Поголемиот проблем е што зборуваме за име, идентитет и за историја. Дали како и секогаш, социјалдемократските опортунисти и блефери си дале премногу значење и се прецениле? Исто како што мислеа дека ќе го измамат Столтенберг, кој ќе нѐ примеше под ПЈРМ, лажејќи го дека за две години ќе дојдеме до решение за името со Грција? Или, навистина, веруваа во таа глупост? Го планираа ли истото „итрите“ социјалдемократски неранимајковци и со ЕУ, па Хан, Могерини и Туск мораа да ги симнат на земја со условот – неминовна промена на името?
Стар виц, кој одлично и реално го доловува дејствувањето на СДСМ:
Битолчанец седи во кафеана, доаѓа келнерката и прашува што ќе пие. – Сакам кафе, ама силно ко мене, а слатко ко тебе! – одговара тој насмевнувајќи се шеретски. По пет-шест минути таа му го носи кафето, тој го пробува, се мурти и ѝ вели: – Ало, малечка, да не си се преценила малку, а?
Што сѐ направи заевата влада за 504 часа?
Куса реминисценција на тринеделната егзистенција на новата Влада. Зборуваме за „цели“ 504 часа:
– Почнаа со „реформата“ на укинување на екстерното; не дозволија продолжување на трудничкото боледување; заминаа во Брисел, кадe што Заев вети дека за две години ќе го „реши“ името ако нѐ примат под ПЈРМ; министерот за култура се покажа како дудук што не знае од каде е Чернодински, па за да се поправи побара казна за актер што „исплука“ недоветен некрофил, кој го мрази уставното име, кое го поистоветува со сифилис и со кравјо лудило и кој се претставува како новинар; неговиот колега за финансии немал поим од бруто и од нето ДДВ; инвестиции привлекува министер што не знае што да прави со слободните зони; девет дена ја труеја Струга и околината (т.е. 100.000 луѓе) со пожар, кој можеше и требаше да се изгасне за часови; вицепремиерот за економија ќе го регулира сопствениот енергетски бизнис (трет Македонец по богатството во светот); новиот шеф на дипломатијата Димитров замина на „баци рака“ во Атина само за да добие порака за смена на името, некој повторно се прецени; законот за јазици е готов, ама, очигледно, „чадорот“ бара да се оддолжи примената; ги укинаа дисперзираните студии и им одмогна на илјадници студенти од внатрешноста; децата со посебни потреби место на одмор ги „пратија“ со шаторите во Жена-парк; извршија класична инвазија на институциите и сменија сѐ што може и не може (незаконската смена на директорот на АХВ, партиските кадри во МВР, МНР и во другите); „демократските законољупци“ издејствуваа промена на, за нив, неподобниот јавен обвинител Зврлевски; ги уништија производителите на праски и при наплив на овошје дозволија увоз од странство; ја реотворија тиранската платформа и дозволија влез на Албанците во преговорите со Бугарија (лично Османи го потврди тоа во Скопје); ги прекинаа работите на сите знајни и незнајни автопатишта во изградба; на поплавените од поројот во Порој и по две недели сѐ уште не им дале никаква помош; заминаа во Софијa каде што Заев без срам и перде се поклони пред „бугарскиот цар Самоил“, вети дека ќе го славиме заедно Илинден и за три недели им „овозможи“ на Бугарите нешто за што се борат со векови. За жал, овде „точката“ е само интерпункциски знак.
Настрана, дали некој ќе ни ја објасни владината „мантра“ и чуму секој ден дузина министри од Заевата влада, вклучително и тој самиот, се сретнуваат и остваруваат долги средби со исто толку странски амбасадори. Нема утка, секој ден се случува истото. Другото, можеби пологично, прашање е зошто секојдневно ја заморуваат и „известуваат“ јавноста за средбите? Демек, се фалат со тоа? Логиката на нештата е дека треба да ги кријат средбите на кои налогодавците им ги испорачуваат нарачките и барањата, нели? Од друга страна, кога истите овие министри имаат време да сработат нешто во својот ресор кога по цел ден се на средби со амбасадори? Дали Рада сега има време за да си ја самонаплати киријата? И уште една работа, која недоветните ја сметат за голем успех и силно признание. Замислете само, еден европски комесар ќе присуствува на седница на македонска влада? Вауууууу! Силно…
Нејсе што Австриецот повторно е испратен од „чадорџиите“ за да им го дигне рејтингот на Заев и на неговата влада, која се „отру“ од правење глупости во рок од 500 часа и која бадијала ја почестија со посета на Брисел при која истиот тој муртинец само се избламира, но замислете ја глупоста со ќефот и со задоволството на една, демек (бар во моментот), самостојна, унитарна држава што некој туѓ чиновник или еврокомесар (читај министер затоа што Хан е тоа во и така имагинарната европска влада) ќе ви седи на светото место каде што таа независна држава ги донесува „самостојните“ одлуки. Пародија соодветна на „Монти Пајтон“.
Бугарите ги дочекаа со овации, Грците ги испофалија до небо (лично антимакедонистот Маљас го воздигна „капацитетот“ на Димитров), Албанците притиснати од „чадорот“ сѐ уште мудро молчат и го чекаат исполнувањето на фамозно исчезнатата тиранска платформа, а Србите му се лути поради учеството во немирите контра Вучиќ.
А кај нас? Додека Македончињата сѐ уште уживаат во катарзата од доаѓањето на „нивните“ на власт и полека глувеат и полека, но сигурно, паѓаат во депресија поради преголемите очекувања за вработувања и за унапредувања, Македонците сега засега се само неми сведоци на недоветните дејства на „Летачкиот циркус на Зоран Заев“, лик, кој поради спасителските наклоности одамна навлезе во шемата на Брајановото, т.е Заевото житие.
Политичката пародија продолжува, а нејзиниот крај ќе го определи токму нејзиниот интензитет и засегањето во идентитетските прашања, чин што сериозно почна со Бугарија. Прашањето е кој ќе ја преземе одговорноста за нанесената, ненадоместлива и огромна штета создадена од опортунистичките ликови на новите македонски социјалдемократски макијавелисти?
Што би рекол Клетников, многу, многу причини за несоница…
Даштевски: И покрај почетната еуфорија, ова нема да трае долго
Премногу е очигледно дека сегашната влада е донесена на власт од центри на моќ со груба употреба на сила и со закана со сила, вели универзитетскиот професор Александар Даштевски, според кој тоа се гледа и од фактот што СДС не победи на изборите, а се прекрши и принципот на владина коалиција на најголема партија кај Албанците со најголемата партија кај Македонците, кој претходно силно го поддржуваше токму истата меѓународна заедница.
Даштевски: Изборите беа наместени со купени гласачи од албанскиот електорат, но и од ромскиот и од турскиот електорат во Источна Македонија, од страна на НВО блиски до Сорос, кои требаше да бидат неутрални. Гледаме дека најголемиот дел од нивните активисти сега се или во Собранието или во владата. Се знае дека главната причина е тиранската платформа, која беше поставена така, што кога ќе ја види кој било што не ја знае заднината, ќе се исплаши од неа. Заднината е, секако, по никаква цена ВМРО-ДПМНЕ да не биде во владата бидејќи не е сигурно дека ќе игра по ноти, односно дека ќе го смени уставното име. Во меѓувреме, и албанските партии и СДС малку ретерираа од точките во тиранската спогодба, како што е признавање на Македонците за геноциден народ. Но дел од виталните интереси во платформата ќе бидат спроведени, а некои веќе се спроведуваат. Теута Арифи најави дека се договорени седниците на влада и на Собранието да можат да бидат водени на албански јазик, што ќе биде решено со закон за јазиците, иако се работи за прашања што се однесуваат на целата територија на РМ. Претпоставувам дека и многу други прашања ќе бидат решени преку тој закон, а членот 7 од Уставот, кој предвидува дека службен јазик во Македонија е македонскиот, ќе остане само на хартија.
Македонија одамна е протекторат. Тоа беше евидентно во изминатите три години, кога сите правила за уривање на легитимно избрана влада од народот на РМ ги поставија тие. Дојде до директно кршење на правилата што сами ги поставија за предвремените избори со двојно одложување на изборите, за постигнување на посакуваниот резултат. Опозицијата, и покрај тоа, не победи, албанскиот фактор не би одел во коалиција со нив да не мора, но тоа е реалноста.
Сепак, сметам дека и покрај почетната еуфорија, ова нема да трае долго. Тоа што е нарачано од нивните ментори, кои ги донесоа на власт, нема да се оствари многу брзо. Ветувањата на сите полиња не се остваруваат. Сега и за платата од 30 илјади денари, минимална од 16.000 денари и на лекарите од 100.000 денари ќе се отвора дебата, иако не беше кажано така во изборната кампања. Да не говориме за земјоделците. Тие и така веќе протестираат, а преостанатиот дел од субвенциите не ги добија, нема ни да ги добијат. Се укина бесплатното возење за студентите и за пензионерите. Веќе се погодени сите категории на граѓаните. Во септември, веднаш по првите 100 дена очекувам протести на граѓаните, кои уште од тиранската платформа се чувствуваат измамени. Тоа ќе ги отежне работите што се веќе закочени. Веќе имавме протести од здружението на граѓани „За заедничка Македонија“, кои достигнуваа бројка и над 200.000 на вечер. Ќе имаме интересна есен, но да причекаме да видиме дали ќе успее промената на името предвидена за наредната пролет. За локални избори, се чини, ќе мора да причекаме, како што беше тоа за предвремените парламентарни избори.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 251. број на неделникот „Република“, 23.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.