| четврток, 6 декември 2018 |

Миркуловски: Играме против солидна репрезентација, но се зависи од нас!

Филип Миркуловски стисна заби и ќе настапи на вечерашниот квалификациски натпревар за европското првенство против Украина. Тој се мачи со незгодна повреда на рамото, но големиот фајтер на Вецлар сака да им помогне на своите колеги од репрезентацијата да изборат пласман на уште едно големо натпреварување на репрезентативниот состав. Нашите ракометари денеска во Украина ќе имаат можност со победа да си го визираат настапот на ЕП во Хрватска, шанса што Раул Гонзалес и неговите избраници се решени да не ја пропуштат, па последниот меч со Чешка во Скопје да биде само битка за првото место меѓу две селекции кои имаат обезбедено хрватски визи.

– Стигнавме до последните два натпревари, вообичаено најважни за пласманот на Европското првенство. Прва за нас е средбата во Украина, на која имаме можност со победа да ја оствариме зацртната цел и да добиеме виза за Хрватска. Не се залажуваме, пред нас е тешка задача, немавме време да се подготвиме бидејќи само два дена трениравме комплетни. Сепак, ние сме искусна репрезентација, максимално сме мотивирани, треба само да ја изиграме нашата игра и мислам дека со тоа би стигнале до посакуваниот триумф – истакна Миркуловски.

Македонија во првото коло рутински славеше на домашен терен над Украина, но нашите ракометари се свесни дека Украинците многу подобро се снаоѓаат кога играат пред своите гледачи.

– Ги гледавме нивните средби со Исланд и со Чешка, на кои славеа на домашен терен. Тоа е сосема поинаква репрезентација кога игра пред своите гледачи, поседува квалитет, не е селекција од „четврт шешир“ што вообичаено е тотален аутсајдер. Јасно ни е дека нема простор за потценување на противникот, Македонија ќе мора да одигра најдобро што знае за да стигне до победата. На крајот, се ќе зависи од нас и нашето издание – порачува големиот борец што се врати да му помогне на националниот тим по поразот од Чешка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top