| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Борбата за подобра Македонија никогаш не престанува, битката тукушто започнува (видео)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот фејсбук профил го искажа своето задоволство од уште една успешно реализирана странска инвестиција во земјава која беше најавена во 2015 година.

Груевски напиша:

Денеска и официјално започнува со работа новата фабрика на американската компанија „Адиент“, поранешен “Џонсон Контролс“ во својот новоизграден капацитет во Технолошко индустриска развојна зона „Струмица“. Во моментот работат над 800 луѓе, планираната бројка е да достигне до најмалку 1300, а многу веројатно е таа да се зголеми до 1500 вработувања, многу значајни за Струмица и околината. Ова е продолжување на успешната приказна на компанијата „Адиент“ која е најголем производител на автомобилски седишта во светот. Веќе во нивната изградена фабрика во Штип работат 1800 луѓе, што значи дека “Адиент“, поранешен “Џонсон Контролс“ ќе вработи над 3000 луѓе во Република Македонија што значи сигурна егзистенција на најмалку 3000 семејства.

Имено, фабриката во Струмица се финишираше успешно по градба од речиси една година, кога во мај минатата година присуствувавме на поставување на камен темелник, а во 2015-та година најавивме дека ќе се започне со градба. Пред два ипол месеци бев во посета на градежните работи во зоната во Струмица и како што тогаш ветивме, оваа инвестиција сега се остварува и ќе значи огромен потенцијал за развој на градот Струмица и сигурни најмалку 1300 вработувања за Струмица. Ова е конкретен придонес за развојот на економијата и обезбедување на напредок на граѓаните. Токму затоа еден од столбовите на ВМРО-ДПМНЕ беше поддршка на домашното стопанство и привлекување на странски инвестиции за додатно забрзување на општиот економски развој. Ова е реален проект кој постои, а не празни ветувања какви Струмичани можеа да се изнаслушаат од неодговорни политичари. Покажавме дека единствени си стоиме на зборот, единствени ветуваме реално, реализираме и полагаме отчет пред народот, реализираме инвестиции, отвораме фабрики и нови работни места. Борбата за подобра Македонија никогаш не престанува, со кренати глави гледаме кон иднината и оваа битка тукушто започнува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top