| четврток, 6 декември 2018 |

Механизми

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Стравот е механизмот на владеењето. Оттаму произлегува авторитетот на тој што владее. Но не само од овие рудиментирани механизми на битисувањето, од овие прастари и бестијални модалитети на ривалство и на престиж, сѐ со цел да се наметне волјата на егото на управителот со пирамидалните структури на моќта. Постојат и механизми на добродетел и на прогрес. Луѓето го сакаат тоа, да бидат фактор на некоја значајна епизода од историјата. Да создаваат нови визии и светови. Луѓето во својата изворна форма се деца, кои најмногу сакаат да си играат. Но ужасните моменти од животот ги исполнуваат со грижи и анксиозност, а потоа, сите на работа или ќе заигра корбачот.

Механизмите на контрола се сеприсутни, тоа е систем на сеопшто сознавање и осознавање, кое е еднакво фокусирано на општествените констелации, како и на интроспективните експедиции.

Слободата е апстрактна состојба на свеста, во реалноста имаме само помалку или повеќе опортунистички интеракции. Тие што ја преферираат деликатноста, а кои го претставуваат култивираниот пристап, се многу поподносливи од анималните предатори, кои ги кршат законите и создаваат голем неред и вознемиреност.

Кога веќе сме се инкарнирале во овој природен и општествен хаос, убаво би било да го одработиме своето во мир и во хармонија. Но, тешко.

Големите играчи со ужасно его и со месијански фикс идеи не даваат мир. Впрочем, огромен дел од своето време (ништо повеќе, ништо помалку благословено од нашето) го посветуваат на креирање конфликти и војни.

Така прават енормен профит. Нема бизнис каков што е војната. Околу големите воени жаришта се собираат сите трговци од овој свет како мршојадци.

И тука почнаа да кружат, но народот се притаи и голтна уште една тортура. Процените одат во правецот на недоволен капацитет за вооружен судир, со цел одбрана на Република Македонија од странскиот окупатор. Во такви случаи загрозениот субјект се повлекува во агол и му го препушта теренот на агресорот.

• Прикаската за „кубурот“ не се однесува само на Македонецот. Тоа е универзална практика кај сите тие што немаат доволно сила или храброст да ја укинат.

• Тоа го пишува и древниот кинески војсководец Сун Цу во својата незаборавна книга – Уметноста на војувањето, маршале.

• Се надевам, ова не ти е провокација, судејќи според цинизмот, не сум баш најсигурен.

• Сакам да кажам дека секој народ и култура имаат свои изблици и падови, свои триумфи и порази. Така и македонскиот народ, кој и овој пат не ја извади кубурата, маршале!

• Навистина, со жалење, па дури и срам го примив овој дефетизам. Толку сум разочаран што престанав да пијам алкохол, а и цигарите ги намалив на минимум. Ах, тажна Македонија!

• Без песимизам, маршале, bitte! Господ гледа сѐ. Сѐ доаѓа од Севишниот, со повеќе вера, и овој срам ќе го проголтаме. Та, зар ќе ни биде првпат во историјата?!

• Токму тоа страшно ме иритира! До кога ќе попуштаме? До кога со тоа кукавичко поведение?!

• Смири се, Маршале! Ако нѐ чујат од Комуњарец ќе ни ја искршат шофершајбната. А, можеби, и нас ќе нѐ линчуваат. Гледаш ли само како беснеат. Сакаат одмазда, сакаат крв. Тоталитаризмот и тиранијата им течат во жилите. Страданието на другиот е нивната стара забава уште од комунизмот, инсталирана од нивните предци. Ти велам, маршале, ова не е време за чаталење, туку за тивко вегетирање. „Contra politica, parlametafisica“. Во вакви времиња, маршале, најдобро е човек да се обрне кон неименливото, кон духовните вредности и кон апстрактното.

• Каков е овој песимизам! Та зар така да се предадеме, да потклекнеме пред злото на нечовечката армада, составена од најодвратните дегенерици на планетава!? Ова е сеопшта војна на силите на доброто против силите на злото. Секое повлекување, значи, потчинување и засилување на злото. Доколку не дејствуваме веднаш, набргу ќе бидеме безнадежни робови и геополитички зомби!

• Но, маршале, а капацитетот? Та, зар луѓето да влезат во таков ужасен ризик? Тука може да има многу невини жртви. Тоа е страшно сериозна работа. Ти се молам, маршале.

• Механизмите на нивните дејства одат директно преку СЈО, тоа е апаратура за застрашување во рацете на Големиот брат. Така ли се викаше тоа грозно неолибералистичко чудовиште, кое живее во мочуриштето од Вашингтон ДЦ?

• Така, Маршале. Но тоа чудовиште сѐ повеќе се трансформира во болест, чиишто симптоми се манифестираат како целосно затапување и заглупување на инфицираните.
• Но, како тоа болест? Од каде сето тоа сега?

• Никој не знае како, но чудовиштето нешто не е арно деновиве. Сите механизми на дејствување откажуваат. Авторитетот му пропаѓа насекаде во светот, а неговите стручњаци влечат бескрајно неинтелигентни потези, недостојни ни за деца од пет години. Целосен дебакл на системот што го градат повеќе од два века.

• И како ќе резултира сето тоа? Има ли некакви процени?

• Ништо, маршале. Сите се занемени пред ова чудо. Еве, на пример, еден од најинтелигентните советници на претседателот Трамп, Рејнс Прибус, не можел да зборува цели 24 часа. Едвај го вратиле во нормала, но, сепак, со видливи последици…

• Ух, каква чума?! Кој би рекол дека ќе се случи нешто вакво?

• Сите се шокирани. Сите во исчекување и напнатост. Никој не може да предвиди што може да се случи, конечно, САД имаат околу седум илјади ракети со атомски глави.

• Затоа претседателот Кси ми кажа дека има стравотна тревога во неговата земја.

• Чудовиштето од мочуриштето во Вашингтон ДЦ решило да инсталира специјално јавно обвинителство во Народна Република Кореја. Се прашувам, дали овој пат кубурот ќе биде употребен или ќе остане длабока замотан во чакширите на дебелото дете?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top