| четврток, 6 декември 2018 |

Maкедонија ќе добие 76 милиони франци од Швајцарија

Швајцарија најавува продолжување на поддршката за Македонија со нова тригодишна стратегија.

– Денес Швајцарија е еден од најголемите билатерални партнери на Македонија и со новата швајцарска стратегија за соработка 2017 – 2020 се предвидени финансиски обврски во висина од 76 милиони швајцарски франци, соопшти амбасадата на Швајцарија во Македонија.

Целта на новата стратегија е да ја поддржи Македонија во нејзините реформи да ги постигне европските стандарди и вредности и да продолжи со социјално инклузивната демократија и пазарна економија, воедно обезбедувајќи ефикасно управување со природните ресурси.

Стратегијата, како што истакнуваат, следи практичен пристап кој се фокусира на подобрување на условите за живот на граѓаните на Република Македонија. Деталите од стратегијата ќе бидат претставени на 31-ви овој месец во Скопје.

Како што се наведува во соопштението, Швајцарија ја поддржува политичката, социјалната и економската транзиција на Македонија од 1992 година. Оваа долгорочна соработка доаѓа од швајцарската традиција на солидарност и одговорност и го одразува значењето кое Швајцарија го придава на стабилноста и развојот на Македонија и регионот. Швајцарија, стои во соопштението, е одлучна да ги продлабочи односите со Македонија преку унапредување на дипломатските и развојните активности во државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top