| четврток, 6 декември 2018 |

Илиевски: Во притвор има невини луѓе

Во притвор има невини луѓе. Има луѓе кои таму се држени без докази. Има луѓе кои се тераат да признаат нешто што не го направиле. Има луѓе на кои им се наметнуваат туѓи мислења да ги кажат и да ги потпишат како свои. Таквите луѓе мора да бидат ослободени од притвор. Луѓето за кои нема доказ дека било што направиле, не смеат ниту минута повеќе да бидат лишени од слобода.

Ова на денешниот протестен марш на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ од пред Собранието го истакна Богдан Илиевски.

– Еден од луѓето што помагаат за нашата безбедност вчера беше држен 12 часа во притвор, на крај беше пуштен, а Јавниот Обвинител кој не подлегнал на притисоците и го пуштил била Албанка. Тоа е доказ за исправноста на нашиот концепт. Луѓето се добри или лоши, професионалци или подмитливи. Не ги делиме на Македонци, Албанци, Срби, Бошњаци, Роми, Турци, Власи, Бугари… Така што, апелирам до сите професионалци, до сите разумни луѓе во институциите да си ја вршат својата работа, тоа значи „невините надвор, а оние кои го скршија Уставот треба да влезат внатре“, посочи Илиевски.

Цитирајќи ја изјавата на Зоран Заев дека тој бил подготвен за помирување, Илиевски истакна дека помирување ќе има меѓу граѓаните, но како што рече, оние кои го кршеа Уставот треба во затвор да одат.

-Без приказни за помирувања додека невините се внатре, а криминалците се надвор и ќе ни диктираат услови. Ако јас сум згрешил нешто, ете ме, тука сум, нека ме земат, ама тие внатре кои кршеа Устав, Закон за Собрание, Деловник, шверцаа Тиранска платформа, шверцаат претседател на Собрание, сакаат да шверцаат и Влада. Господа, еден ден ќе ја платите казната. Еден ден ќе одговарате, а до тој ден, ние ќе сме тука. До тој ден ќе сме упорни, ќе веруваме, ќе сме цврсти во рамки на она што Уставот ни го дава. Ќе протестираме, имаме право на тоа и имаме должност и обврска на тоа, порача Илиевски.

Според него, ќе одговараат оние кои пуштаат луѓе со пиштоли во Собранието кои не треба да бидат ниту внатре, ниту со пиштоли.

-Замената на тези веќе не проаѓа. Кој се огрешил, ќе си платил, но најголемите грешници беа внатре. Луѓето кои планираа велепредавство, државен удар, пуч еден ден казната ќе ги стигне. За тоа ќе се погрижиме сите ние.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top