| четврток, 6 декември 2018 |

Олимпијакос го среди Анадолу Ефес и закажа меч со ЦСКА во полуфиналето на Евролигата

Екипата на Олимпијакос е последниот учесник на овогодинешниот завршен турнир на Евролигата откако во мајсторката во Пиреа успеа да слави со 87-78 над Анадолу Ефес и со 3-2 во партии да се пласира на фајналфорот во Истанбул.

Со оваа победа Олимпијакос ја комплетираше втората полуфнална двојка и ќе игра со актуелниот европски шампион екипата на ЦСКА Москва. Во првото полуфинале ќе настапат Фенербахче и Реал Мадрид.

Вечерашниот решавачки дуел повторно донесе огромна битка на двете страни. Гостите од Турција беа подобри во првото полувреме, заминаа на одмор со предност од 37-41, но немаа сили да го издржат темпото до самиот крај. Олимпијакос го отвори третиот дел од мечот со серија од 9-0, преземајќи ја контролата над резултатот. Ефес накратко се врати, но следеше нова серија од осум поени на домаќините (две тројки погоди Папапетру). Турскиот состав во последната четвртина во неколку наврати стигна до само четири поени разлика, но Олимпијакос погодуваше кога беше најзначајно и на крајот заслужено го доби овој меч со 87-78.

Спанулис со 22 поени беше прв играч и на овој натпревар, 14 поени за победничкиот тим постигна Принтезис, додека најдобар стрелец на Ефес при вечерашниот пораз беше Осман со 11 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top