| четврток, 6 декември 2018 |

Нелегалниот избор на Џафери е тежок преседан во македонската историја

milososki

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски изјави дека изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е неуставен, незаконски и нелегален и дека тоа е прв таков тежок преседан во македонската историја.

„Тој преседан значи погазување на процедурата и правото, само за да се задоволат нечии политички лични и партиски амбиции. Политичките партии без разлика дали се во опозиција или се на власт, треба да имаат принципи и истите треба да се засновани на Уставот, законот и Деловникот, доколку сакаме Македонија да биде стабилна држава која може да напредува и да работи во интерес на граѓаните“, рече Милошоски пред новинарите пред Собранието.
Според него, таквите чекори кои одат во насока на демонстрирање на политичко насилство без да се почитуваат овие принципи само ќе ја одолговлекува политичката криза и не е во интерес на државата и граѓаните.
Милошоски не одговори што правеле во канцеларијата на парламентарниот спикер, но кажа дека коалицијата „За подобра Македонија“ и сите нејзини пратеници едногласно заклучиле дека како политичката коалиција треба да ги штитат интересите на граѓаните.

„Како политичка партија постоиме за народот со два приоритети, интересот, стабилноста и напредокот во рамките на стабилна, унитарна и просперитетна Македонија“, изјави тој.

На новинарското прашање што значи за него поддршката од САД, ЕУ и други европски држави за Талат Џафери, Милошоски не одговори конкретно, туку изјави дека „процедурите во Собранието не се должни да го промовираат и да ги штитат луѓе кои не се дел од него, кои се дипломати или некои други“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top