Фудбалерот на Борусија, Марко Бартра, кој беше повреден синоќа по бомбашкиот напад на клупскиот автобус, итно беше пренесен во болница, а рано утрово му беше извршена операција. Известувањето за операцијата на Шпанецот беше објавено на офцијалниот сајт на Борусија Дортмунд.
Автобусот со играчите на Борусија Дортмунд беше нападнат на пат од хотелот до стадионот, на десет километри од Вестфален, со експлозивни направи поставени покрај патот. Во експлозијата беше оштетен автобусот, а Марк Бартра заврши со скршеница и прачиња стакло од автобусот во раката. Веднаш по инцидентот Бартра беше пренесен во болница.
– На Марк Бартра ноќеска му беше извршена операција откако во бомбашкиот напад на клупскиот автобус му беше скршена коската на подлактицата, а дланката му беше полна со парчиња стакло – стои во соопштението од Борусија Дортмунд.
Со изјава за инцидентот се јави и капитенот Марк Шмелцер:
– Сите сме шокирани и мислиме на Марк. Се надеваме дека брзо ќе се опорави. Сите размислуваме како ќе играме денеска за него.
Борусија Дортмунд и Монако синоќа требаше да го одиграат првиот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите, но поради нападот, мечот беше одложен и ќе се одигра денеска (18.45 ч.).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.