| четврток, 6 декември 2018 |

ФХ3Х дел од новиот филм со Скарлет Јохансон

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на најновиот проект во кој се појавува Скарлет Јохансон, во вид на супер херој според јапонските манга стрипови.

Се работи за филмот „Дух во школка“ ( „Ghost in the Shell”) на режисерот Руперт Сандерс, кој започнува со прикажување и во Скопје, вечерва во киното „Синеплекс“.

– „Дух во школка“ е доста популарен јапонски стрип, еден од класиците на манга правецот – изјави Кристијан Даниловски, еден од основачите на ФХ3Х.

Покрај Јохансон, во филмот се појавуваат и Пилу Азбек и Такеши Китано.

– Ова е прв пат оваа франшиза да се појави во форма на игран филм, иако како серија датира од деведесетите години. И секако, научно фантастичниот жанр нас ни отвора простор да се истакнеме со она што ние го работиме и го знаеме, и со нетрпение очекуваме да го видиме резултатот. На проектот работевме од мај 2016 до јануари 2017 година со тим од 130 артисти, земено во обзир колкав беше обемот на работата, едвај чекаме да го видиме – изјави Даниловски.

Според содржината на филмот, Скарлет ја игра улогата на Мајорот, спасена од несреќа, на која се инсталирани роботски елементи за подобрување на нејзината активност што ја прави совршен војник посветен да ги запре најопасните криминалци. Кога тероризмот ќе достигне ново ниво заради можноста да ги контролираат луѓето преку нивните мисли, таа е најспособна да ги спречи, но се соочува со лична борба да открие кој и го одземал правото на нормален живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top