| четврток, 6 декември 2018 |

Договор за изградба на новиот блок на клиники

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска информираше дека со првиот човек на компанијата Арен С.Р.Л, Давиде Савоино потпишале договор за изготвување на проект за изградба на нов блок на универзитетските клиники Скопје

D42D9774593F4E46B905EBC5680D1A50Направен е сериозен чекор напред во реализацијата на проектот за изградба на новиот клинички блок во комплекс клиники Мајка Тереза, каде ќе бидат сместени најголем дел од универзитетските клиники во Скопје, рече денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

– Заедно со господинот Давиде Савоино, прв човек на реномираната италијанска компанија Арен С.Р.Л. од Торино, денеска потпишуваме договор за изготвување архитектонско-урбанистички проект со идеен проект и основен проект за изградба на нов блок на универзитетските клиники Скопје, со функционално поврзување на гинеколошката клиника и клиниката за онкологија и радиотерапија, како и реновирање на хирушките клиники во Комплексот универзитетски клиники Мајка Тереза – рече Тодоров.

По спроведувањето на двете фази од ограничената постапка и реализираната електронска аукција со негативно наддавање, за најповолен понудувач е избран економскиот оператор Арен С.Р.Л. од Торино Италија, како лидер на групата економски оператори која конкурираше  на овој тендер.

Останатите партнери од групата-Прототип и Инпума од Скопје се фирмите од Македонија кои ќе им дадат поддршка на клучните експерти од Арен – Италија  кои ќе го изработуваат проектот.

Вредноста на договорот изнесува 99.629.229 денари односно 1.619.987,50 евра.

Изработката на проектот ќе трае девет месеци по што Министерството за здравство ќе добие  проект за изградба на нов блок во Комплексот клиники Мајка Тереза клиники Скопје со површина од околу 50.000 метри квадратни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top