Во Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” во Скопје пред македонската јавноста за првпат е претставен новооткриениот превод во ракопис на Шекспировата пиеса “Венецијанскиот трговец” од видниот македонски интелектуалец, револуционер и деец Тодор Лазаров-Хаџидимитриев. Овој ракопис е откриен во рамките на Археографската збирка при НУБ од страна на Дарко Спасов, драматург во Театар комедија.
“При работа како драматург гостин во Драмски театар на претставата “Венецијанскиот трговец# од Шекспир, во режија на Наташа Поплавска, чија премиера се одржа на 7 и 8 март, пребарувајќи низ електронскиот каталог на НУБ во Скопје го лоциравме препевот/ракописот на штипјанецот Тодор Лазаров, ракопис што по 109 години можеме да го видиме како антиквитетно градиво”, вели Спасов, кој додава дека се работи за фантастичен калиграфски материјал. Мотивацијата на Лазаров да го преведува “Венецијанскиот трговец”, како што додава Спасов е мошне интересна, бидејќи како голем трговец кој зборува на повеќе јазици патувал и тргувал со Мала Азија и централна Европа и веројатно сретнал ерменска театарска трупа при што најверојатно се препознал самиот во делото на Шекспир како трговец Антонио.
“При анализите забележав дека станува збор за автохтон превод. Пред него во Македонија никој го нема преведувано Шекспир. Тој користи лексика на штипско – кочанскиот крај, но е забележително дека е ученик во солунската машка гимназија и зборува на тогашен бугарски јазик. Тоа е веројатно и прв сериозен драматург кој прави посебна подела на сцените, ја чита поинаку целата пиеса…“ , додава Спасов.
Директорот на НУБ Иван Заров, пак, истакна дека Тодор Лазаров иако не е често име кое се сретнува во учебниците по историја, е еден од највидните и маркантни македонски револуционери и дејци од илинденскиот период чиј живот е тесно испреплетен со судбината на неговата Македонија, кој заради својата револуционерна активност честопати бил апсен од отоманските власти, а и самиот превод бил направен во ќелијата на затворот во Триполи.
“Самиот живот на Лазаров е исполнет со трагизам и житејски премрежија и потсетува на трагичен шекспиров лик. “Македонија е изгубена” се последните негови зборови изговорени на смртната постела во еден софиски хотел непосредно пред почетокот на Првата балканска војна“, изјави меѓу другото Заров.
Претставата “Венецијански трговец” љубителите на театарот ќе можат да ја видат и вечерва во Драмскиот тетар. Според режисерката Поплавска интересно е што 46 години не е изведувана оваа претстава во Македонија, а ретко се изведува и во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Поезија од Јовица Тасевски Етернијан објавена на српски јазик
-
„Прозарт Медиа“ објави дела од врвни аргентински автори: „Разузнавачки извештаи“ и „Свињите“ на македонски јазик
-
Туристите збунети, Грците се изгубија во преводот на таблите (Фото)
-
Преводот „Republika Ilinditase e Maqedonise” е погрешен според нормите на албанскиот јазик