Цената на становите во земјава се движи со забрзан пад, констатира Народна банка во извештајот за првиот квартал годинава.
Во него, како причини за намалувањето на цените се наведуваат завршените градежни работи на многу станбени згради и улогата на странските инвестиори во градежништвото
„Продолжувањето на трендот на намалување на цената на становите може да се објасни со тенденцијата на раст на завршените градежни работи, односно на изградените станбени згради во изминатиот неколкугодишен период, делумно стимулирана и од странските инвестиции во изградба на недвижности“, се вели во извештајот на НБМ.
Во последната анализа на агенцијата за недвижности „Фортон МКА“ пишува дека во втората половина од лани бројот на нови станови се зголемил за 19% во споредба со првата половина од 2012 година. Најмногу се градело во Аеродром, Центар и во Карпош. Но, и покрај зголемената изградба и намалените цени, сепак во истиот период, 31% од новоизградените станови останале непродадени.
Последните статистички податоци покажуваат дека лани цената на метар квадратен во Скопје изнесувала 954 евра, во 2010 година метар квадратен во Скопје се продаваше за 1.042 евра.
Колку и да се намали цената на станбениот квадрат во изминатиот период и колку и да тврдат инвеститорите дека цените веќе го допреле дното на исплатливост, сепак аналитичарите на пазарот на недвижности тврдат дека има простор за намалување и во наредните години.
Бесплатно комплетно опремување на новокупениот стан, попусти за одредени професии, пониска цена за втор купен стан од истата фирма, гратис подземна гаража, се само дел од понудата на градежните фирми за да привлечат купувачи. Така, идните купувачи на стан во „Скопје сити тауер“, новата зграда во близина на трговскиот центар „Скопје сити мол“, ќе добијат гратис целосно внатрешно уреден дом доколку уплатат за покрив над главата до 30 јуни. Според надлежните, тоа подразбира дека инвеститорот ќе им го опреми станот со мебел, санитарии и слично.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



