Синоќа на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) се одржа премиерата на „Говорна мана“ чиј автор на текстот е Горан Марковиќ, а режијата е на Драгана Милошевски -Попова.
По премиерата единствен беше заклучокот дека големи актерски имиња блеснаа на малата сцена на МНТ на која веќе се играат театарските хит-претстави „Брачна игра“, „Силјан Штркот шанца“ и „Разговори во четири очи“.
Игор Џамбазов, Сашка Димитровска и Ивица Димитријевиќ ги толкуваат ликовите во претставата во која уште се појавуваат и Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска кои ја толкуваат улогата на актерка. Режисерката Милошевски-Попова за подготовка на оваа црна комедија покрај оригиналниот текст на Марковиќ ги вметнала и нив и тие кажуваат реплики кои нам ни се блиски и познати.
За оваа претстава слободно може да се каже дека на билетарницата на МНТ ќе се бара карта повеќе.
Текстот на познатиот српски театарски и филмски режисер Марковиќ е приспособен за македонски потреби. „Говорна мана“ е текст кој е напишан пред дваесет години, но и денес е актуелен. Тоа е црна комедија која говори за животот на еден искусен и квалитетен актер кој маестрално го толкува Џамбазов, наспроти кариерата на неговата партнерка која од петни жили се обидува да добие значајна улога во театарот без негова помош. Димитровска како Славица е одлична и ја остава публиката без текст. Ликот на Петар, кој е млад човек со кариера го толкува Димитријевиќ.
Ова е претстава за театарот и за татарските луѓе, нивните проблеми, отвара многу етички дилеми со кои тие се соочуваат, а кои публиката повеќе или помалку ги знае или препознава.
Костимографијата и сценографијата во „Говорна маана“ се на Илина Ангеловска, а музиката ја компонира Горан Трајковски. Првата реприза на новата премиера на МНТ е вечерва на 16 март, а втората на 29 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.