| четврток, 6 декември 2018 |

„Дневник“: Албанските партии децидни, нема повлекување на платформата

До крајот на неделава ќе биде појасно кога ќе заседава Собранието за да избере претседател на парламентот и законодавниот дом да се стави во функција, вели за „Дневник“ висок функционер на СДСМ. Ова ќе значи активирање на планот Б, кој го најавија лидерот на СДСМ Зоран Заев и партиите на Албанците што обрзбедија парламентарно мнозинство, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, доколку Иванов не го даде мандатот.
Пораката за активирање на планот Б стаса откако шефот на државата Ѓорге Иванов вчера со писмо до првите луѓе на ЕУ, НАТО, САД и Турција, Доналд Туск ,Јенс Столтенберг, Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган, побара осуда за тиранската платформа и отфрлање на документот како единствен излез од политичката криза и со тоа уште еднаш потврди дека нема намера да му го даде мандатот на Заев.

– До крајот на неделава ќе се консултираме со партиите на Албанците дали има амбиент за продолжување на конститутивната седница. Доколку има, реално е тоа да го направиме. Да избереме претседател на Собранието. За да избереме претседател на Собранието, треба прво да обезбедиме повеќе од 49 мандати, кои ги имаме. Ако евентуално се договориме, тогаш е можно да одиме да избереме претседател на парламентот. Не ние, туку Иванов е тој што треба да каже што понатаму. Тој одлучи да не даде мандат за формирање влада. Тој ја има целата одговорност за случувањата во Македонија – вели функционерот на СДСМ.

Лидерот на СДСМ во интервју за ирскиот весник „Ајриш тајмс“ најави и дека е можно со партиите на Албанците да се обидат да формираат влада без одобрување на шефот на државата.

– Во секоја нормална демократија, претседателот, кој има само церемонијална власт, ќе им дадеше мандат за формирање влада на оние што имаат мнозинство – вели Заев и најави дека може да го заобиколат Иванов и да побараат одобрение од парламентот за влада.

Според Заев, тој потег би бил совршено легален, дури и идеален.

– Ние би сакале да го добиеме формалното одобрение на претседателот, но тоа не е од суштинско значење. Тоа е убава традиција, да го прашаш таткото на невестата за нејзината рака за брак, но ако тој не ја даде, тогаш с` уште можете да се венчате – вели Заев за ирскиот весник. Според извори од СДСМ, Заев за продолжување на конститутивната седница и за избор на влада без мандат од Иванов допрва ќе се консултира со партнерите од албанскиот блок.

СДСМ и вчера побара Иванов да му го даде мандатот на Заев, бидејќи новото парламентарно мнозинство е реалност.

Од партиите на Албанците велат дека чекаат Заев да го направи првиот чекор, односно да ги консултира и за конститутивната седница и за евентуален избор на влада без добиен мандат од шефот на државата.

Од ДУИ велат дека засега нема најава за продолжување на конститутивната седница. Партиски извори велат дека изборот на претседател на Собранието не е проблем. ДУИ допрва ќе треба да изгради позиција дали би гласале влада доколку Иванов не му го даде мандатот на Зеав.

Наспроти ова, од Алијансата за Албанците се подготвени да изберат престедател на Собранието и да гласаат за владата на Заев.

– Што поскоро треба Собранието да заседава и да избереме претседател на парламентот. По ова, Собранието веднаш треба да покрене иницијатива за одговорност на Иванов , бидејќи го прекрши Уставот. Иванов е должен да му го даде мандатот на Заев. Спремни сме да ја гласаме новата влада и без доделен мандат од шефот на државата – велат од Алијансата за Албанците.

Но и партијата на Али Ахмети и Алијансата за Албанците се децидни дека немаат намера да ја повлечат албанската платформа.

– Не само што нема да ја повлечеме платформата, нема ниту да разговараме за тоа. Платформата е изготвена во Скопје и не излегува од рамките на Уставот, ниту го загрозува унитарниот карактер на државата – велат од ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера повторија дека најдобро решение за излез од актуелната ситуација се предвремени парламентарни избори, кои би се оддржале со локалните. Партијата на Никола Груевски останува на позицијата СДСМ да се откаже од тиранската платформа.

– Предвремените парламентарни избори, кои би се одржале заедно со локалните, се најдоброто решение за излез од актуелната состојба. Државата нема да има преголеми дополнителни трошоци, а граѓаните ќе добијат можност да се изјаснат за тиранската платформа, која беше ставена на маса по декемвриските избори – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top