| четврток, 6 декември 2018 |

Тестамент на Блаже Конески oд 1990 година: Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина

blaze-koneski

Послушајте Македонци, подвикнал академик Блаже Kонески седум години пред смртта, многумина сѐ уште посакуваат македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект, пишува денешен „Дневник“.

Еве, триесет години подоцна, оние што посакуваат македонскиот народ да биде „објект“ што ќе го делат и присвојуваат, стигнаа до прагот да го резнебитат со помош на банда „внатрешни соработници“, непријатели на сопствениот народ. Подготвувајќи се две години со странски инструктори за самоуништување, македонските велепредавници можеби ќе добијат можност да го довршат проектот за уништување на македонскиот јазик, македонскиот национален идентитет и македонската унитарна држава. Но, сепак, во контекст на Kонески, да се надеваме дека луѓето што беа измамени од разни „чадорџии“ и „бомбаши“, со помош на амали од локално потекло, да речеме, навреме ќе сфатат дека мора да побегнат од „болните луѓе што се накажани“, зашто „тие се мислат повикани да водат како Мојсија и другите пророци, а самите не можат да се ослободат и влечат по себе ситни пороци“.

Притоа, за жал, остануваат уште многу малку денови за да се фати насоката по која ќе се тргне кон иднината, па штом „тие лево ќе фатат, јас десно да одам“. Последен момент е да се остави антимакедонската багра да се удави во фекалиите на велепредавничкиот канал лево, а народот да излезе на патот десно, да ја фати вистинската насока за спас на Македонија: „Штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам!“. А дека работите одамна тргнаа по патот на „злобата од која многумина одвај се живи“, се виде уште со уништувањето на спомениците и објектите што ги изразуваат историскиот континуитет, националниот идентитет и државноста на Македонија. Завршниот удар се прави деновиве со уништување на македонскиот јазик, како „единствена неподелена татковина“.

Бидете на штрек, Македонци

Во еден свој текст од јуни 1986 година, Блаже Kонески, меѓу другото, пишува за тоа колку упорни биле настојувањата да се обезбеди простор за потреба на посебен македонски литературен јазик:

– Ѓорѓи Пулевски и Темко Попов и декларативно и со својата практика, уште во седумдесеттите и осумдесеттите години на 19 век се определуваат за посебен македонски литературен јазик. Во самиот почеток на 20 век, Kрсте Петков Мисирков прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик. Меѓу двете војни и НОБ, од ден на ден се пишува тогаш, се разбира илегално, еден антифашистички манифест на македонски јазик. На тој јазик на обесправен мал народ и не можеше тогаш да се прогласи нешто друго освен слободарски збор. Упорно го премолчуваат тоа оние што негирајќи ја македонската национална индивидуалност, сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и оти е тој само продукт на некаква политичка комбинаторика – пишува Kонески.

Пишувајќи за таквите обиди, Kонески продолжува:

– Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со с` што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина.

Не смее да се случи лекомисленост

Само четири години подоцна, значи три години пред смртта во 1993 година, Kонески уште еднаш ќе потсети на важноста на македонскиот јазик за македонскиот народ, каде и да живее. Во разговорот со Радмила Трифуновска, воден во април 1990 година, на прашањето за нападите на македонскиот јазик од Атина преку брошурата на А.Е. Папагеоргиу со наслов „Таканареченото македонски прашање“, тој, меѓу другото, потенцира дека главниот удар е ударот на јазикот, а тоа „не е прв атак врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека тој е измислен, така да се рече, прекуноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција“.

– Ние, се разбира, секогаш треба да реагираме на ширењето на такви невистини и да го запознаваме светот со историските реалности. Меѓутоа, најефикасна реакција ќе биде нашето почитување на сопствената традиција и сопствените постигања на јазичкото поле. Ние не располагаме со комоција, за да си допуштаме во тој однос лекомислености. Јас ја имав на ум токму оваа поука кога во една прилика реков дека јазикот е нашата единствeнa неподелена татковина – подвлекува Kонески.

Академик Kонески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, филолог и лингвист, литературен историчар, преведувач и професор, вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, декан, ректор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ… Станува збор за име што го одбележа македонскиот 20 век. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.

Еве што запишал на 9 февруари 2007 година еден наш сонародник од пиринскиот дел на Македонија во книгата за впечатоци во спомен–домот на Kонески во Небрегово: „Блаже Kонески, ти клекнувам за поклон за трудот што си дал да спасиш мајчиниот ми јазик, со кој родната ми мајка ме галеше и пееше македонски песни. Со љубов. Јордан Kостадинов, град Сандански“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top