Зоран Заев е волен да прифати дека Македонците извршиле ГЕНОЦИД над Албанците, онака како што се бара во сеалбанската платформа, осуда врз „геноцидот врз Албанците во периодот 1912- 1956 година“?
Всушност Заев на состанокот на Централниот одбор на С.Д.Сојуз „лидерски“ им објаснил дека „вината ќе паднела врз Србите кои тогаш владееле, па не било опасно“. Но, кусогледи се лагите и објаснувањата на Заев. Зошто тогаш Македонија и Македонците да се извинуваат, да признаваат, да прифаќаат извршен геноцид? Заради потписите за Заев за мандат за формирање влада?
Свесен ли е Заев дека длабоко навлегува во менување на историјата на државата, претставувајќи ја прво окупаторска, а потоа и извртувајќи ја реалноста дека Македонците се виновни за процентуалната застапеност на Албанците во земјата?
Свесен ли е Заев, а и оние кои тоа му го одобруваат, дека историските факти велат дека со таквото прифаќање, од балистот Џемаил Хасани, познат како Џемо Хаса, Џемо Балистот, или Џемо Симница, платеник на италијанските фашисти познат по неговите зулуми врз македонскиот народ, прават херој кој што го изедначуваат со еден Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански било кој Илинденец или, еве за поблиску до С.Д.Сојуз, партизан, комунист, борец за Македонија?
Историчарите реагираа уште веднаш кога сеалбанската платформа се појави меѓу јавноста. Никола Србов, на Божик, преку Фејсбук напиша:
„ Покрај сите неразумни барања, Албанците поставиле барање да се осуди геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956.
Дали знаете што зборите? Како ние да се извинуваме во име на Србија? Дали знаете дека СДСМ е наследник на Ранковиќ кој е одговорен за политиката по создавањето на македонската држава? Или поим немате од вашата историја, или сте тешки“
Ниту македонскиот народ, ниту Македонија, не е виновна доколку наследниците на комунистите збиени во С.Д.Сојуз би сакале да си ги исперат гревовите на Александар Ранковиќ, творецот на некогашните КОС и УДБА. Но, дури и да е тоа, вдовицата на маршалот Јосип Броз Тито наведува дека Ранковиќ е одговорен за доселување на 300.000 млади Албанци од Албанија на Косово, сметајќи ги за комунисти, за подоцна да прераснат во националисти. (Јованка Броз, „Мојот живот, моја вистина“)
Попис
Ваквата тенденција и барање на етничките Албанци во Македонија, потпомогнати од сеалбанството на Балканот, има друга тенденција- набивање на чувство на вина кај Македонците за некаков геноцид, како основна причина за нивната малубројност во државата. Всушност, ќе излезе дека доколку не бил геноцидот и Џемо Хаса и балистите и натаму слободно харале низ западниот дел на Македонија, сега ќе биде пата- пата со Македонците; па со тоа нивната уставотворност како народ е неминовност. Оттука, и актуелните барања за изедначување на двата народи во една „демократска“ бинационална двојазична држава би била реалност. И оттука реалноста и основаноста на нивните барања, само што „клетите славомакедонци“ ги десеткувале!?
Ваквата игра не е воопшто случајна. Попис во државата мора да има, веќе нема бегање, кој и да формира влада. Но, тенденциите на расплодување кај етничките Албанци во Македонија, претпоставени со Рамковниот договор во 2001 година, кога и се заокружија процентите, далеку потфрлија. Сега се инсистира сето тоа да се репреговара, за да се направат не само измени во Законот, туку и таа бинационалност да биде вметната во Уставот, заедно со симболите и јазикот. Потоа, пописот нека покажува што сака, веќе рамковниот нема да има улога.
Набивање вина за манипулации
Но, за полесно „голтање“ на залакот потребно е набивање на чувство на вина кај Македонците. Вина која што Заев, доволно зинат за десет потписи, ја проголтал без никаков проблем. Играта со чувствата на вина е позната и за тоа неодамна за Република зборуваше и професорот Љубомир Цуцуловски. Зборувајќи за наводната „албанофобија“, вели дека таа се наметнува уште од СФРЈ, каде Албанците ги уживаат сите права и свои институции, до своја Академија на науки и уметности.
-Но, мораше да се уфрли идејата за постоење на албанофобија, за да се создаде чувство на вина кај југословенските народи – особено кај Србите и кај Македонците. Целта беше полесно да оствари идејата за голема Албанија. Со создаденото чувство на вина тоа полесно можеше да се оствари, бидеќи оној кој чувстува вина се труди да ја исправи „вината“ што, наводно, ја направил. Патем, врз чувството на вина се базираат сите религии. Преку ова чувство полесно се манипулира со луѓето.
Токму за делот од платформата каде се зборува за некаков геноцид, за Цуцуловски во платформата гледа континуитет на големоалбанските идеи.
-Треба да се има предвид дека таканаречената платформа е само продолжение на Платформата за решавање на албанското национално прашање, изготвена од Албанската академија на науки во Тирана во 1998 година. Таа е само продолжение на идеите од Призренската лига, формирана во 19. век. Значи, станува збор за континуитет. Се бара извинување за извршен геноцид? Од кого и над кого извршен геноцид? Современата македонска држава настанува 1945 година. Како една непостоечка држава може за што било да одговара, вклучувајќи и некаков геноцид од времето на Балканските војни? Понатаму, кој страдаше и кој беше под окупација во периодот 1941-1945, кога фашизмот капитулираше? Секако дека тоа не беа Албанците, туку Македонците од западниот дел на Македонија, кој во тој период беше под италијанска окупација, а администрацијата ѝ беше доверена на фашистичката влада во Тирана. Значи, го поставувам прашањето кој ќе одговара за злосторствата што биле правени од паравоените албански структури врз Македонците за време на Втората светска војна. Но, не смее да се заборави дека од овие паравоени структури страдале и многу Албанци. И на нив следбениците на овие структури треба да им се извинат, како што треба да им се извинат и на сите кои живееле на просторот западно од линијата Групчин-Подмоље: Турци, Македонци муслимани, Власи, протерани Срби итн.
Вчера со партизаните, денеска со Балистите
Не стивнуваат реакциите во јавноста за договорот од алчност кој што го прифати Заев.
-Вчера марширавме со борците, денес ќе ги обвиниме за геноцид?, пишува еден корисник на Фејсбук кој во коментар објаснува дека ако треба ќе биде и против партијата, бидејќи со сè се претерало.
Всушност, Заев со ова изврши не само промена на историјата за полесно менување на сегашноста и иднината, Заев врши ГЕНОЦИД со умисла врз Македонците! Едноставно, ги помилува фашистите и балистите, плука врз партизаните и комитите!
Прашање кое никој не го поставил на партискиот ЦО, од каде наводно едногласно биле одобрени потезите на Заев, е дали барем се обидел тој или неговата работна група да се спротистави на ова барање, или барем да се возврати со барање за извинување за геноцидот на Балистите врз Македонците? Или барем за теророт на УЧК врз македонците во 2001 година? Веројатно, не.
Оттука наместо Заев и неговите „преговарачи“, ние ќе го поставиме прашањето: Ќе се извинат ли албанските партии за Македономизијата и македонофобијата сите овие години? Ќе се извинат на раселените Македонци од, до вчера, мешаните села? Ќе им дозволат ли да се вратат на своите огништа? Ќе се извинат ли на македонскиот народ или барем на семејствата на разнесените двајца луѓе врзани за столбовите на мотелот во Челопек со експлозив во 2001 година, чија вина беше само тоа што се Македонци?
Доколку не се извинат, на место е констатацијата на Цуцуловски: „Или, можеби, омразата смета дека некои суштества и можат да се разнесуват, без пардон? Потоа, се говори за албанофобија! Тоа е повеќе од цинично“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.