Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони и понатаму е затворен за сообраќај. Премините Меџитлија (Битола) и Дојран се отворени за секаков вид возила, информира Автомотосојузот на Македонија.
Евзони е блокиран од грчките земјоделците од 30- ти минатиот месец. Министерството за надворешни работи на Република Македонија вчера соопшти дека во изминатите денови презело конкретни активности за надминување на проблемот со блокадата. Упатена е протестна нота до грчкото Министерство за надворешни работи во која се бара да биде решен проблемот во најбрз можен рок. Писмо е испратено и до Европската комосија во кое, МНР потенцира дека со тековната блокада на граничниот премин се крши Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ која ја има потпишано и Грција и гарантира слобода на движење на стоки и луѓе.
Апели за деблокада на преминот до меѓународните институции упатија и транспортните асоцијации од државава, како и бизнис заедницата, укажувајќи дека од блокадата трпат штети транспортерите од Македонија и регионот, како и компаниите корисници на нивните услуги.
Според АМСМ, освен на Богородица, нема подолги задржувања за влез и за излез од државава.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози на пониските места, додека на осојничавите места коловозите се наместа влажни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Патниот правец Скопје – Македонски Брод низ Јасен, е со ограничена проодност. Во утврдени термини за еднонасочен сообраќај, дозволено е движење само на лесни теренски возила со погон на сите четири тркала.
Сообраќајот на патниот правец А3 Прилеп – Битола – Ресен преку Обиколница Битола е во прекин поради свлечиште кое е расчистено но од превентивни причини сообраќајот сепак се пренасочува преку градот Битола.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е почеста појава на одрони, особено на патните правци: Кочани -Мак. Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.