Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски би можел својата кариера да ја продолжи во шпанскиот гигант, Атлетико Мадрид, доколку наредниот период Палермо и раководството на мадриѓаните успеат да се договорат околу условите за реализација на трансфер.
Италијанските медиуми денеска ги потврдуваат претходните информации на ЕКИПА за интересот на Атлетико за македонскиот напаѓач. Како што претходно информиравме, тимот од Мадрид посакува по крајот на сезоната своите редови да ги засили со 26-годишниот Несторовски кој во моментов игра во извонредна форма во дресот на Палермо.
Италијанците денеска пишуваат дека Диего Симеоне нареднава недела испраќа и свои скаути да ги следат настапите на Несторовски на дуелите против Аталанта, и потоа на 17. февруари против Јувентус во Торино.
Првиот човек на Палермо, Маурицио Зампарини, пак, денеска повтори дека е горд што во својот тим има фудбалер како Несторовски за кого добро ќе размисли на кој клуб ќе го продаде.
– Го купивме Несторовски за 500.000 евра, а сега неговата цена на европскиот пазар е меѓу 15 и 20 милиони евра. Знам дека има понуди и интерес, но добро ќе размислиме за неговата продажба. Засега не оди никаде – рече Зампарини.
Покрај Атлетико Мадрид, не е никаква тајна дека интерес за Несторовски постои и од Севилја. Од тимот на Севилја игрите на Несторовски ги скенираа уште од Гранада на дуелот на Македонија против Шпанија во квалификациите за СП 2018.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.