| четврток, 6 декември 2018 |

Британија и Америка си подадоа рака за Брексит и за НАТО

Британската премиерка Тереза Меј денеска пристигна  во Белата куќа на прва средба со американскиот претседател Доналд Трамп, во надеж дека ќе ги обнови специјалните врски меѓу Велика Британија и САД.

Премиерката Меј беше пречекана од Трамп, по што почнаа разговорите во Овалната соба, во која Трамп ја вратил бистата на Винстон Черчил, која претходно ја отстранил Барак Обама, јави Би-Би-Си.

Таа претходно се запиша во книгата на Белата куќа, како прв странски лидер кој тоа го сторил откако новата администрација ја презеде должноста.

На врвот на агендата на Меј се подготовки за нов трговски договор меѓу САД и Велика Британија, откако Лондон ќе се повлече од ЕУ. Таа со Трамп разговара и за безбедносните предизвици, вклучувајќи ги Русија, Сирија и исламистичкиот тероризам.

Трамп ја потврди поддршката за одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, истакнувајќи дека „слободна и независна Британија е благослов за светот“.

– Слободна и независна Велика Британија е „благослов за светот“, истакна Трамп на заедничката прес-конференција, по завршувањето на состанокот  со британскиот премиер Тереза Меј, првиот странски лидер со кој се состана по инаугурацијата.

170127185610-trump-may-presser-exlarge-169

Трамп нагласи дека, како бизнисмен, со Европа „многу тешко соработувал“ и дека има „многу лошо искуство“, додека со Велика Британија „непречено соработувал“,  и дека затоа смета оти излегувањето на земјата од ЕУ ќе биде „фантастична работа за Велика Британија“.

Тие потенцираа дека ќе работат за заживување на трговските односи меѓу нивните земји, при што Меј изјави дека се надева оти сличен договор со Вашингтон ќе омекне ефектите од Брегзит.

За време на заедничката прес-конференција во Белата куќа Меј рече дека од името на кралицата го поканила Трамп во посета во Лондон оваа година, објави „Гардијан“. Таа рече дека Трамп ја прифатил поканата.

Donald-Trump-Theresa-May-UK-Prime-Minister-President-560877

Британскиот премиер исто така, нагласи дека Трамп за време на разговорот со неа изразил 100-отстотна поддршка за НАТО.

Меј наведе дека, тие разговарале и за зајакнувањето на заедничката борба против Исламската држава, особено во сајбер-просторот.

Тие се осврнале и на санкциите против Русија, при што Трамп потенцирал оти е прерано да се зборува за можноста за укинување на санкциите, додека Меј оценила дека истите треба да останат во сила се додека не се испочитува Минскиот договор.

Трамп изрази надеж дека ќе има „фантастични односи“ со рускиот претседател Владимир Путин, но напомена оти постои можност и тоа да не биде така.

За време на прес-конференцијата Меј го поздрави Трамп за големата изборна победа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top