| четврток, 6 декември 2018 |

Животната драма на Иван Пешиќ: Има еден бубрег, но е прв голман на Хрватска

Хрватскиот голман Иван Пешиќ ја доби довербата на селекторот Жељко Бабиќ, во нокаут фазата на Светското првенство во Франција и се покажа во одлично светло. Но, неговото име е поврзано со еден инцидент додека играше во Унгарија, во Веспрем.

Тој беше тешко повреден на седми февруари во 2009 година, во еден ноќен клуб, во Веспрем. Во барот дошло до тепачка со некакви сомнителни момци кои влегле во расправија со ракометарите, а епилогот од се беше смртта на романскиот ракометар Марјан Козма, соиграчот на Пешиќ, на кого најмногу му се намерачиле напаѓачите. Во истата тепачка тешко беше повреден српскиот репрезентативец Жарко Шешум, а Пешиќ доби нож во грбот.

-Настрадав ни крив ни должен, само сакав да помогнам, а кога се свртев добив нож во грбот. Кога дознав дека останав без бубрег прво помислив на Иван Класниќ – кажа по операцијата Пешиќ, на кого животот му го спаси српскиот репрезентативец Урош Виловски.

-Тоа беше вечер како и секоја друга, го славевме раѓањето на детето на еден наш соиграч. Одеднаш како гром од ведро небо изби тепачка. Се случува, но човек да го загуби животот, вели Пешиќ.

На Хрватот му беше отстранет бубрегот и потоа долго се опоравуваше. За среќа Пешиќ денеска повторно е меѓу стативите, заработува од ракометот и живее за овој спорт. Тој повеќе не излегува во ноќни клубови и со еден бубрег одлично ја работи својата работа. Доказ за неговиот квалитет е тоа што долги години е на голот на белорускиот шампион Мешков Брест.

Од Веспрем си замина брзо по несреќата, потоа играше три години во Загреб, но не успеа да се наметне. Од Загреб се пресели во Марибор, од каде замина во Белорусија и успеа да се наметне. Сега е еден од најдобрите голмани и мета на многу посилни клубови, но челниците на белорускиот шампион не сакат ниту да слушнат за негов трансфер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top