Во општина Прилеп денеска се одржа координативен состанок на градоначалникот, Марјан Ристески, со сите јавни претпријатија во градот, на кој што беше донесен заклучок дека сите патишта и улици во Општина Прилеп, во зимски услови, се проодни за сообраќај, и дека коловозите во општината се едни од најчистите во Македонија. Исто така беа дадени и насоки како понатаму да се дејствува во деновите кога се очекуваат нови врнежи од снег.
– Во услови на екстремно ниски температури кои во Пелагонискиот регионстигнаа и до минус 20 целзиусови степени и огромните врнежи на снег, можам слободно да кажам дека Прилеп е една од најчистите општини во Македонија. Прилеп по територија е една од најголемите општини во Македонија, имаме преку 53 населени места и локални патишта до нив, имаме преку 250 км. патна инфраструктура и повеќе регионални и магистрални патишта. Благодарение на фирмата која ги изведува работите за чистење на улиците, Македонија пат и Јавните претпријатија,за сообраќај се проодни улиците во градот и сите патишта во општината. Немаше многу пријави за непроодност. Имаше само првата вечер, за луѓе кои биле заглавени во едно населено место во Мариово. Исто така упатувам еден апел до граѓаните дека чистењето на снегот не е само законска обврска на Општината и на Македонија пат, туку и на секоја институција јавна или приватна и сите дуќани и деловни објекти. Сите тие треба да ги одржуваат јавно-прометните површини и да си исчистат пред нивните објекти – изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Беше упатен апел до граѓаните да не ги паркираат своите возила на улиците, затоа што со тоа се отежнува протокот на механизацијата за да ги исчисти коловозите. А со тоа се создаваат и ризични моменти за одвивање на сообраќајот.
– Градската мрежа е целосно прилагодена за одвивање на сообраќај без застој во зимски услови, односно улиците од првиот приоритет, главните, магистрални улици и секундарните улици се целосно проодни и чисти. Истиот заклучок е и по дојава од населените места. Односно на целата територија на општина Прилеп нема непрооден пат. Секаде функцонира сообраќајот. Сите населени места и села во општина Прилеп се пристапни – вели Бранко Нешкоски, раковидител на ЈП за ПУП.
– Сите магистрални и регионални патишта на територијата на Општина Прилеп се проодни, како што се патиштата од прв, втор, трет и четврт приоритет. Во оваа прилика упатувам напомена сите учесници во сообраќајот да користат зимска опрема – Гоце Стефаноски, раководител на „Македонија пат“ – Прилеп.
На целата територија на општина Прилеп непречено се одвива и собирањето на отпадот од домаќинствата.
– Екипите на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп се постојано на терен. Сите тротоари, мостовите, парковските површини и пешачките патеки во градот се комплетно исчистени за да можат пешаците непречено да се движат, а исто така непречно се одвива и собирањето на отпадот од домаќинствата – истакна Златко Ристески, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.
Водоснабдувањето во општина Прилеп се одвива без никакви проблеми, на целата територија на општината, и во градот и во населените места, каде стопанисува ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп. Екипите на ова јавно претпријатие деновиве се соочувале и со проблеми на замена на водомери и замрзнати куќни инсталации. Исто така упатуваат апел граѓаните да ја штедат водата и непотребно да не ги пуштаат чешмите да течат.
– Нашите екипи се постојано на терен и им помагаат на граѓаните во сите ситуации. Сакам да напоменам дека потрошувачката на вода е многу зголемена. Во овие моменти Прилеп троши 450 литри вода во секунда, а во нормани услови, потрошувачката е 250 литри вода во секунда. Апелирам до граѓаните на одредени места каде што можат да постават грејни тела да не ги пуштаат чешмите, а со самото зголемување на температурите, не е потребно воопшто и да се употребуваат вакви превентивни мерки од страна на граѓаните. Доколку продолжи ваквото трошење на водата ние ќе бидеме приморани да ги активираме и бунарите, а со тоа ќе се предизвикаат поголеми трошоци и мало пореметување во редовното водоснабдување – потенцираше Сашо Николоски, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.
Деновиве се најавуваат нови врнежи од снег, но од Општина Прилеп истакнаа дека тие се максимално подготвени за справување со овие временски услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.