Селекцијата на Данска ја забележа и третата победа на Светското првенство во Франција, откако во скандинавското дерби против Шведска славеше минимална победа од 27-25. Со оваа победа актуелниот олимписки шампион на еден начин ја осигура првата позиција на табелата, додека Шведска најверојатно ќе мора да се задоволи со второто место во групата Д.
Па почетокот се играше гол за гол, сè до средината на првиот дел кога резултатот гласеше 6-6. Тогаш следуваше серија на голови на олимпискиот шампион воглавно преку Хансен и Молгард за на полувреме да се замине со позитива на Данска од четири гола (14-10). На стартот на вториот дел Шведска се консолидира и во 42. минута намали на само еден разлика, но Данците успеаа да го зачуваат ова минимално водство до крајот на мечот за на крај да слават со 27-25.
Паралелно со овој дуел се одигра и мечот од групата Ц меѓу селекциите на Хрватска и Белорусија. Некогашниот олимписки шампион иако гласеше за голем фаворит на овој дуел, и тоа како се испоти за да ја извојува трета победа на ова Светско првенство. Избраниците на селекторот Бабиќ од самиот почеток го имаа водството во своите раце, но расположените Рутенка и Каралек беа нерешителна енигма за хрватската одбрана, и не дозволија повисока негатива за својата селекција по првите 30 минути (18-15). Вториот дел подобро го отворија белоруските ракометари, во еден момент имаа негатива од само еден гол, но Хрватска при крајот од мечот направи серија од 5-0 која беше одлучувачка за извојуваната победа од 31-25.
Одличен меч за „каубоите“ одигра играчот на Вардар Лука Циндриќ кој постигна осум гола, сите во првото полувреме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.