| четврток, 6 декември 2018 |

Само каузата може да ги обедини Македонците

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Ако годината што ја оставивме зад нас може да ја опишеме како „година на потрага по решение на кризата“, тогаш оваа 2017 година треба и мора да биде „година на откривање на вистината“ во врска со сето тоа што ѝ се случи/ува на Македонија во последните неколку години. Јавното разголување на сите учесници во црните сценарија за распад на државата, нивните цели и средствата користени за реализација на намерите е повеќе од потребно од повеќе причини, но, пред сè, за да не дозволиме веќе никогаш да ни се повтори грешката што ја направивме и во 2001 година – грст предавници да нè втурнат во крвава граѓанска војна, но и да ни го доведат во прашање вековниот сон за сопствена држава. Поради наивност и нерешителност да се преземат храбри чекори, на двапати за само петнаесет години се доведовме во опасност да исчезнеме и како држава и како народ и нација.

Новогодишното обраќање на шефот на државата и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, беше едно од тие моменти кога искрено очекував дека јавноста ќе добие поконкретни одговори на прашањата што ја мачеа последните две години. Иванов не е единствениот што знае многу тајни за црното сценарио за разнебитување на државата, но како „татко на нацијата“ има обврска да преземе мерки со кои ќе го мобилизира целиот македонски народ во одбрана на татковината!

Во таа насока, мора да се поздрави неговата порака дека нема да дозволи федерализација на државата, како и повикот за помирување и за сплотеност во заштита на националните и државни ин­тереси.

Но, сепак, не може а да не се забележи дека Иванов не ја искористи можноста да го обедини македонскиот народ во одбрана на државата со директно соопштување на причините поради кои ја донесе одлуката за широка амнестија на сите политичари осомничени во постапките на СЈО. Да, можеби ќе ги прекршеше правилата за чување државна тајна, но во исто време ќе дадеше огромен придонес во разобличувањето на антидржавните елементи и во ставањето крај на кризата.

„Ги спречив црните сценарија против Македонија! Еден ден, кога ќе биде декласификувани сите документи, граѓаните ќе имаат увид во таа мерка. Помилувањето беше единствен мирен начин да се избегне анархија“.

Овие зборови на Иванов, во услови на, како што самиот цени „невидена поларизација кај граѓаните“, не се доволни да убедат добар дел од граѓаните дека „во април годинава постоел висок ризик за безбедноста на државата“.

Да бидам попрецизен, не го оспорувам ставот на Иванов, кој смета дека донел исправно решение со кое спречил „анархија“ во државата, туку дека, едноставно, јавноста мора да ја дознае целата вистина сега, пред да отидат работите по ѓаволите. А, за жал, веќе сме на добар пат да стигнеме до портите на пеколот.

Токму поради тоа чувствувам потреба да го повикам претседателот, но и сите други државни институции и функционери што имаат информации и докази во врска со црното сценарио за разнебитување на државата, во најкус можен рок, поради највисок државен интерес, да најдат начин да ги објават пред целата јавност.

Ако помилувањето било единствениот начин да се избегне хаосот, тогаш не смееме да дозволиме да чекаме ни десет дена, а пак, десет или повеќе години за декласификување на тајните документи затоа што дотогаш може и да немаме држава. Што ќе ни е да дознаеме како била уништувана Македонија од домашни предавници и од странски непријателски сили кога ќе нè гази туѓа чизма и ќе бидеме во крв до колена?

Претседателот Иванов и сите други политичари што застанаа во одбрана на националните интереси мора да бидат свесни дека покрај намерата на антидржавните структури да го закрват народот, паралелно работеа и на целосно уништување на интегритетот и на авторитетот на сите државни функционери. Целта е јасна – Македонците треба да се доведат во состојба на самоуништување, но, во исто време, треба да останат и без лидер, без авторитетна личност во која ќе имаат целосна доверба и околу која ќе може да се обединат во одбрана на државата и на интересите. И до некаде успеаја во намерите со помош на „пријателите од надвор“, со објавувањето на нелегално прислушуваните разговори, со хајката на СЈО и на медумите на Сорос против раководството на ВМРО-ДПМНЕ…

Сепак, претседателот Иванов треба да има предвид уште еден важен факт – Македонците, можеби, ќе биде тешко да се обединат околу една личност, но и тоа како се единствени за каузата – слободна и независна Македонија! А зад неа стојат многу повеќе од 455.000 македонски граѓани!

Ако сакаме помирување место разгорување на конфликтот, ако сакаме конечен крај на политичката криза, ако сакаме да избегнеме хаос и распад на државата, ако сакаме да ги замрзнеме намерите на непријателите, мора да допреме и до тие Македонци што не гласаа за ВМРО-ДПМНЕ или воопшто не излегоа на гласање, а, сепак, со срце и со душа ја сакаат својата земја. Сега е крајно време некој да им укаже дека ова е повик да застанат во одбрана на татковината, а не во заштита на некоја партија или партиски лидер.

За Македонија се работи!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top