Тој е еден од најголемите македонски таленти кои од недела во недела сѐ посилно газат на ракометните терени. Филип Кузмановски на само 20 години е еден од клучните играчи на Металург, а на претстојното Светско првенство во Франција се очекува да блесне и во националниот дрес. Во разговор со „Република“, тој ни откри нешто повеќе за односот со тренерот Червар и со соиграчите, за неговите идоли и за очекувањата од претстојното Светско првенство во Франција.
Пред неколку дена се вративте од Норвешка, каде што Металург издвојуваше победа над Елверум, а ти имаше одличен натпревар со 9 гола. Колку настапите во Лигата на шампионите се од помош за да стекнеш искуство за тебе како млад играч и да се одмерат силите со европската елита?
– Многу сум задоволен од тоа како изиграв во Норвешка, но повеќе сум среќен за победата. На тој натпревар јас бев оној што ја носеше екипата, но на друг натпревар ќе биде некој друг соиграч, а тоа е доказ дека ние сме еден колектив во кој заеднички се трудиме да бидеме подобри и посилни. Натпреварите во Лигата на шампионите влијаат позитивно на нашата самодоверба и имаат големо значење за нас како млади играчи преку кои се стекнуваме со драгоцено искуство и стануваме подобри.
Тренерот Червар неколку пати потенцира дека младите таленти во Металург му се како синови и дека секојдневно работи со нив. Колкава е придобивката да се учи и работи со толку искусен и квалитетен тренер?
– Таа врска со Лино е обострана, тој нас нѐ гледа и нѐ чувствува како синови, а ние него најпрво како родител, а потоа како тренер. Секогаш се труди да го извади најдоброто од нас, односно да нѐ направи подобри, и тоа на различни начини. И тогаш кога ќе помислиме дека сега е супер, тој ни кажува кои се нашите грешки. Среќен сум што Червар е мој тренер.
Покрај тебе на бековските позиции во Металург има многу млади и талентирани ракометари како Талески, Обрадовиќ… како се справуваш со конкуренцијата и дали тоа те тера да бидеш подобар и секогаш да го даваш максимумот?
– Во Металург сите сме млади и желни за докажување и напредување. Сите играчи во тимот се мои добри другари со кои секојдневно се дружиме. Ние имаме здрава конкуренција и се натпреваруваме да си докажеме дека сме подобри еден од друг за време на тренинзите, но и за време на натпреварите гинеме еден за друг и се радуваме еден за друг. Таа здрава конкуренција и тој борбен и натпреварувачки дух ние ги пренесуваме и на натпреварите.
Червар сега е и на челото на репрезентацијата. Според тебе, дали неговото долгогодишно искуство во Металург и познавањата на македонскиот ракомет може да ѝ помогнат на репрезентацијата?
– Ако некој може да го направи тоа подмладување на репрезентацијата, а во исто време да не се почувствува слабост, тоа е Лино Червар. По сѐ што направи со Хрватска, потоа и со Металург, сигурен сум дека и со репрезентацијата на Македонија ќе има голем успех.
Со Талески јавноста веќе ве прогласи како свежина и светлина на македонскиот ракомет, а добиваш сѐ повеќе шанси и во репрезентацијата. Колкава е придобивката да имаш такви соиграчи во националните дрес како Кире Лазаров, Миркулоски, Мојсовски и останатите и колку може да се научи од нив за време на тренинзите?
– Многу се учи од такви играчи, кои постигнале премногу во своите кариери. Најмногу совети добивам од Кире и пробувам секогаш да украдам нешто негово од што ќе имам голема корист. Жал ми е што многу малку успеав да фатам од репрезентативната кариера на Мојсовски и на Миркуловски бидејки од нив можев да научам уште многу повеќе работи, но, сепак, и тие совети што ги добив пред Полска и во Полска многу ми значат.
Кој играч оставил најголема трага врз твојот досегашен развој, кој најмногу ти помогнал во кариерата и дали можеш некого да издвоиш како твој идол?
– Игор Николовски е еден од најзаслужните. Ми беше тренер во Пелистер и беше еден од ретките, ако не и единствен, што веруваа во мене во тој период. Иако знаев некогаш да го изнервирам, по неколку минути повторно продолжуваше да работи со мене.
Од активните играчи, Кире е тој што остави трага и, секако, тој е мојот идол заедно со Карабатиќ и со Дувњак.
Подготовките за Светското првенство започнуваат следниот месец. Кои се твоите очекувања од овој голем турнир и дали очекуваш уште поголема минутажа во Франција?
– Најнапред посакувам и очекувам празнината што ја оставија Миркуловски и Мојсовски ние помладите да ја надоместиме и да оставиме добар впечаток со нашата игра. Јас ќе давам сѐ од себе и ќе бидам подготвен, а останатото е на стручниот штаб.
Веќе подолго време се зборува за подмладување на репрезентацијата, а ти, Талески и Нелоски сте најспомнуваните во тој контекст. Дали тоа ти прави притисок пред да излезеш на терен и дали се чувствуваш подготвен да застанеш во чевлите на оние кои досега беа носители на играта на репрезентацијата?
– Од една страна прави притисок, но тоа е позитивен притисок. Се радувам што имам шанса да играм за Македонија и се надевам дека по извесно време ќе бидам еден од носителите на репрезентацијата бидејќи тоа ме исполнува.
Ракометно дерби Вардар-Металург се одигра во вторникот, а ривалите едвај успеаја да издвојуваат победа. Дали постои посебен мотив кај тебе пред ова дерби и кои се желбите и очекувањата на тимот во домашното првенство ?
– Мотивот и желбата да се игра против Вардар секогаш се големи. Јас сум од Битола и некогаш најголемо дерби беше Пелистер – Вардар, така што од мал во себе ги носам адреналинот и желбата да играм против Вардар. Ние сакаме да се надигруваме со нив, иако тие се поискусни. Мислам дека ништо предвреме не се знае во домашното првенство, иако за многумина Вардар е фаворит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.