Предлог. Господинот Заев веднаш, без одлагање, да биде избран за почесен претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи му успеа СДСМ целосно да го дезориентира, а членството да го подели до крајни граници, коментира на својот фејсбук профил професорот Љубомир Цуцуловски.
Еве го во продолжение целиот негов пост:
„Промената на ставовите, зачудвачките персонални промени, збунувачките коалиции, бесмислените и небулозни предлози за промена на Уставот сосема ја обезличија партијата. СДСМ, како политичка партија, практично веќе не постои, освен што постојат неговите членови и симпатизери. Меѓутоа, членството и симпатизерите, сами по себе, не прават партија, бидејќи секоја политичка партија претставува организирана институција, со своја структура, со свои јасно дефинирани програмски цели и која, токму затоа, точно знае што сака. Така, се доаѓа до крајно парадоксална ситуација: постојат членство и симпатизери, но не постои она кое се симпатизира и во кое се членува – партијата, односно СДСМ.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ просто заплашува со својата цврста организираност, со ултимативното спроведување на централните одлуки, со широко разгранета партиска инфаструктура и безрезервна верност кон лидерот. Едноставно, ВМРО-ДПМНЕ функционира според сите правила на илегална партија, односно на партија која како да се наоѓа во илегала. Оттука, нејзината моќ е запрепастувачки голема: таа е партија на власт (значи, во свои раце ги има сите легални механизми), а дејствува како да е во илегала.
Од друга страна, го имаме СДСМ, кој сака да дојде на власт, само што не постои. Токму затоа, г. Заев веднаш треба да биде примен во ВМРО-ДПМНЕ, за да може СДСМ да се возобнови како вистинска и активна, а не само како замислена партија. Притоа, возобновувањето на СДСМ е нужен услов за да има избори, зошто не се можни вистински избори без постоење на стварна и моќна опозиција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.