Пред првата полуфинална вечер, Малме ја живее „Евровизија“. Продолжија претставувањата на учесниците на таканареченото евровизиско село во центарот на Малме, на познатиот плоштад „Густав Адолф“, каде што никогаш не престанува врвулицата од луѓе. Покрај сцената на отворено, каде што настапија македонските претставници Есма и Лозано, поставено е и мало застаклено ТВ-студио во кое се прават интервјуа со учесниците. Преносот на националниот канал се следи и на големите екрани низ градот. При разговорот со Есма за тоа дека е ромска кралица, таа нагласи дека, всушност, и сега создава историја. За првпат ќе се слушне ромскиот јазик на „Евровизија“. По интервјуто, Есма и Лозано повторно со песна ги воодушевија присутните на „Густав Адолф“.
Низ интервјуто беа пуштани инсерти од настапот еден ден претходно на отворената сцена, на која во очекување на евровизискиот напревар, учесниците имаат мини-концерти кои се слободни за љубопитните, но и концерти на учесници од претходни натпреварувања и гости од други фестивали.
Малме одбројува во стил
Бината на отворено е редовно свратилиште за сите добронамерници дојдени во Малме. А, нивниот број од ден на ден расте. како и бројот на волонтерите кои се грижат сѐ да биде како што треба. Токму онака, како што е и позната Шведска.
Недалеку од таму, на Лилеторг (Малиот плоштад), на другиот крај од познатото шеталиште, поставен е семафор кој го одбројува времето до големото финале.
Секако, и тука е поставен шатор од кој секојдневно се слуша музика, луѓето од сите страни се приклучуваат, танцуваат, се дружат. Иако токму овој бел шатор на сликата не е дел од официјалната придружна програма. Сѐ што ја поддржува идејата на овогодинешниот фестивал „ Ние сме едно“ се прифаќа.
Во околината на Малме сѐ е во знакот на „Евровизија“, секој слободен простор, па и на старите споменици се додадени пеперуги.
А тие служат и како патоказ. Нацртани по улиците, по тротоарите, странците се ориентираат до некој од придружните објекти, како што се евровизиското село или евроклубот. А, токму таму по првата полуфинална вечер нашата делегација ќе биде домаќин на македонската вечер.
Од нашиот известувач од Малме,
Наум Стоилковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.