Македонската асоцијација на новинари (МАН) реагираше со соопштение во врска со последните активности на Агенцијата за медиуми, односно Привремената комисија за надзор на медиумите во предизборниот период.
Во соопштението се оценува дека Агенцијата за медиуми продолжува да се однесува како цензор, а не како самостоен регулатор и оти протежира и заштитува една политичка страна на сметка на другата.
„Тоа го прави со селективен пристап и двоен критериум зависно кој медиум им се видел поблизок до страната која ја протежираат, односно страната која однапред ја осудуваат, па така еден ист прилог емитуван на ТВ Сител е предмет на критика, а на Телма е прифатлив“, се посочува во соопштението.
Според МАН, Агенцијата за медиуми е селективна и кон партиската припадност на министрите, односно, како што се истакнува, медиумски прилог со изјава на министер од опозицијата не се смета за равенство помеѓу партија и држава, а настап на министер од мнозинството е критикувано и казниво.
„Агенцијата за медиуми е пристрасна и кон државните институции. Во последниот извештај се забележува и оспорува право на медиум да има критички прилог кон СЈО, иако СЈО е дел од власта како и другите судски или извршни институции за кои, од друга страна, Агенцијата за медиуми препорачува критички однос на медиумите. Потсетуваме ограничувања за критика кон полициски органи и обвинителства е најстрого забрането според европските стандарди за јавно информирање, како и за човекови права“, велат од МАН.
Оттаму истакнуваат дека Агенцијата за медиуми не дозволува и самостојна и независна работа на Привремената комисија за следење на медиумите.
„Агенцијата за медиуми не дозволува самостојна и независна работа на Привремената комисија за следење на медиумите и наместо да ја остави Привремената комисија сама да избира спорни емитувања на медиумите и самостојно да гради однос кон одредени појави Агенцијата за медиуми селектира избор и во своите забелешки наметнува однос и казна по што адхок телото станува само обична алатка за гласање по избор и селекција на Агенцијата. Со ова се поништува функцијата на Привремената комисија и се доведува во прашање потребата од неговото постоење“, се наведува во соопштението од МАН.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.