Веќе десет дена трае забраната на ЗАМП да се емитувамакедонска музика на радиостаниците и на телевизиите. Од утре, пак, почнува молкот и за српската музика во македонскиот медиумски етер.
Сепак, емитувањето на музичките шоуа кои доаѓаат од Србија, а за кои македонските телевизии имаат лиценци за прикажување, не влегуваат во оваа забрана.
Оние телевизии кои ги имаат откупено правата на нивно емитување на кои се емитува српска музика имаат склучено договор со одредена продукција која го подмирува својот долг за користење на авторската музика. За овој став се произнесло Здружението на приватни медиуми на Македонија (ЗПММ), односно Иван Мирчевски. Тој додава дека ако некоја телевизија има договор со некоја продукција за откупување на програма, никој не е во можност да го забрани тоа.
Тие со своја реакција излегоа во јавноста веднаш откако ЗАМП ја соопшти својата одлука за забрана за емитување на македонска музика:
– Со оглед на законската обврска за емитување одреден процент македонска музика на медиумите во РМ, со оваа забрана, а со оглед на бројката на авторите и делата што се забранети, членовите на ЗПММ нема да можат да ја исполнат законската обврска, пред сè поради премалиот број на песни што останаа и кои можат да се емитуваат. Во најитно време да ни обезбедите услови за да можеме да ги исполниме нашите законски обврски, кои сме ги прифатиле и кои ги почитуваме за заштита, промоција и негување на македонската музика. Во спротивно, како Здружение, ќе им посочиме на нашите членови, комплетно да ја тргнат од своите програми македонската музика сè до комплетното средување на работите и односите во оваа исклучително важна област. Ве молиме за итна реакција и да ни се обезбедат потребните услови за нормална работа, се вели во соопштението.
Забраната за емитување на авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП, кој брои безмалку 6.000 автори и важи од 20 септември 2016 година, е реакција на новата колективна организација СОКОМ-МАП за заштита на авторските права која се огласи со свој тарифник, кој е со 50 отсто намален надоместок за јавно соопштување на авторски музички дела, односно до 100 отсто намалување за радиодифузно емитување и кабелско реемитување објавен на 27 јуни 2016 година. Од 1 октомври 2016 од СОКОЈ, српската организација за заштита на авторските права како и ХДС, хрватската организација за заштита на авторски права, доставија соопштенија каде што во сила стапува забрана за емитување и реемитување на авторските дела на авторите од овие две земји додека не се надминат разликите на ЗАМП и СОКОМ-МАП, односно додека не се усогласат тарифниците за заштита на авторските права во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


