
Ненад Мирчевски
Една година по формирањето на Специјалното јавно обвинителство граѓаните сѐ уште не добија ниту еден конкретен одговор ниту за начинот на кој обвинителството трошеше четири милиони евра народни пари, ниту за основната цел на постоењето- аферата со нелегално прислушуваните разговори.
Јанева еднаш веќе избегна да даде конкретни одговори во март годинава, одбивајќи да се појави пред Советот за јавни обвинители и во Собранието на Р. Македонија за да даде отчет за своето шестмесечно работење.
Одбиваше да се појави пред институциите, не сакаше да им даде одговори ниту на граѓаните, но затоа, пак, немаше проблем целосно да се стави во служба на обвинетиот Зоран Заев и да изигрува продолжена рака на СДСМ.
Освен одлуката за итно ослободување од притвор на првоосомничениот во аферата „Пуч“, Зоран Верушевски, СЈО целосно го игнорира случајот со нелегално прислушуваните материјали – основната причина поради која беше формирана оваа институција. Место да ја расчисти најголемата афера во Македонија, Јанева целосно се посвети на политички прогон на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ во обид да му ја олесни политичката битка на четвртоосомничениот Зоран Заев.
И по една година од формирањето на институцијата, јавноста сѐ уште чека официјално да чуе: кој прислушувал, по чија нарачка го правел тоа, за кого работел Верушевски, кои биле надворешните пријатели на Заев, колку граѓани се опфатени со нелегалното прислушување…? Катица Јанева во годината што измина никако не се осмели да каже јавно дали е точно дека биле прислушувани 20.000 македонски граѓани, а не се ни охрабри да ги извести оштетените. За жал, место одговори на овие клучни прашања, изминатата година јавноста беше труена со беспредметни прес-конференции и соопштенија во обид СЈО да прикаже некаква активност.
На Катица Јанева мора да ѝ е јасно дека јавноста нема да престане да прашува и да бара отчет за потрошените милиони евра народни пари.
Ако специјалната, навистина, сака да се симне од врвот на листата на личности со најмала доверба, на која, според сите соодветни анкети, е дури и пред лидерот на опозицијата, место упорно да спроведува политичка хајка врз функционери на ВМРО-ДПМНЕ, прво што мора да направи е да го оправда своето постоење и целосно да го расчисти случајот со нелегалното прислушување. Обвинителите во СЈО имаат на располагање еден куп докази, стотици илјади нелегално прислушувани материјали и шест обвинети, од кои едниот сам ја призна вината. Веројатно тоа се сосема доволно докази дури и за лаик да сфати за што станува збор, а не, пак, за специјален јавен обвинител. Давањето одговор на прашањата кој и со која цел ги снимал разговорите и која била целта на Зоран Заев кога решил да ги објави е од исклучителна важност за сите натамошни истраги на кои работи СЈО.
Ако Јанева и нејзиниот тим потфрлат во исполнувањето на примарната задача, никогаш нема да успеат да ја здобијат довербата кај граѓаните (во чие име и ја извршува функцијата), па место дел од решението, ќе останат запомнети како најголеми виновници за нерасчистување на кризата.
Веднаш по расчистувањето на главното прашање, СЈО има обврска да утврди колку нелегално снимени разговори сѐ уште се надвор од контрола на надлежните органи, колку луѓе биле и сѐ уште се во контакт со таквите материјали и дали и колку од тие снимки се злоупотребувани за уцени и за рекетирање јавни личности, бизнисмени, обични граѓани? Последниот случај на совпаѓање на временскиот период на обновувањето на хипотекарниот кредит на СДСМ во Комерцијална банка и објавувањето на приватен телефонски разговор на директорот на банката Хари Костов е само едно од сомневањата за злоупотреба на нелегалните снимки, кое СЈО мора да го расчисти.
Суштината на постоењето на СЈО, сепак, е да биде заштитник на правото и на интересите на граѓаните, а не на Зоран Заев и на неговите соработници. Јанева има обврска да ја сервира вистината на маса, а не да ја манипулира јавноста и да води туѓи предизборни кампањи. Граѓаните имаат право да ја дознаат вистината, па затоа повеќе од сигурно е дека , порано или подоцна, ќе ги добијат тие информации, сакале Заев и Јанева да откријат или не.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


