| четврток, 6 декември 2018 |

„Сали“ ќе слета и во Скопје

– Подгответе се за удар!, им се обрати на патниците пилотот Салeнбергер на летот 1549 од компанијата „УС ервејс“ на 15 јануари 2009 година. Десетина минути подоцна го изведе најчудесното слетување во реката Хадсон, притоа спасувајќи ги сите 155 патници и екипаж на летот.

Филмот „Сали“, со кој на големото платно се овековечува овој подвиг, премиерно ќе биде прикажан овој четврток, 8 септември, во Скопје.

Главните улоги ги имаат Том Хенкс, Лора Лини и Арон Екхарт, додека режијата е на Клинт Иствуд.

Во изработка на ефектите во соработка со MПЦ Teхниколор од Лондон учествуваше и македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х.

Филмот
Ова е приказна за Челси Саленбергер, кој стана херој по слетувањето на авионот. Инспириран од вистинскиот настан, за кој вели дека е „добар предзнак во лоши времиња“, Клинт Иствуд одлучил да направи филм и да ја долови поентата која капетанот Саленбергер ја направи во едно интервју по настанот со изјавата

– Во еден подолг период кога народот почнува да се чувствува обезхрабрен и кога се сомневаат дали воопшто некому можат да му веруваат, се појавува група на луѓе кои го прават токму она што треба, вистинските одлуки, вистинските чекори во вистинското време. Тоа влева надеж – изјави Иствуд.

– Следејќи ги авионските несреќи од личен интерес, неврзано со завидната миљажа на авиолетови, за овој настан дознав веднаш во првите вести на „Си-Ен-Ен“. Можноста да бидеме дел од ваков филм ни е посебно драга, ова се филмови кои носат сведоштво за нешто големо, за умешноста да се направи она што треба, тогаш кога треба, она кон што ние сите се стремиме – изјави Кристијан Даниловски, коосновач на ФХ3Х.

На овој филм за херојскиот потфат на капетанот Сали, работеа 117 артисти од ФХ3Х, во периодот од јануари до јули годинава, на вкупно 464 кадри или 32 минути од филмот.

Кој е Сали?
Челси Барнет „Сали„ Саленбергер, третиот, (роден 23.01.1951) е пензиониран авиопилот и консултант по авиобезбедност. Бил прогласен за народен херој во Америка кога успешно изведе вонредно слетување на вода на авионот од летот 1549 во реката Хадсон кај Менхетен, Њујорк, откако авионот налетал на јато канадски гуски при полетувањето од Ла Гуардиа аеродромот, и бил потполно оневозможен. Настанот се случил на 15.01.2009, сите 155 патници и членови на екипажот преживеале.

Истрагата
Во официјалната истрага по настанот биле направени серија на тестови со користење на Airbus симулатори во Франција, за да се провери дали летот 1549 можел безбедно да се врати назад на Лагардиа аеродромот на пистите 13 или 22 кои биле слободни или на Тетребо аеродромот на пистата број 19. Тест пилотите од 15 обиди само 8 пати успеале да го слетаат безбедно леталото, а покрај тоа, во официјалниот извештај условите на овие тестови со симулатори беа прогласени за нереални. На единствениот последователен тест на кој пилотот го одложил слетувањето за 35 секунди за да ја долови веродостојноста на вистинитата случка леталото се урнало во обидот да слета на Лагардиа.

Официјалната истрага била затворена на 04 мај, 2010 година. Било утврдено дека причината за несреќата било налетувањето на јатото на гуски во моторите на авионот, при што и двата мотора откажале. Среќниот крај на случката бил препишан на безбедносната опрема во авионот која ја имало во поголем број отколку што вообичаено било потребно, и одличното менаџирање на ситуацијата од страна на екипажот.

Дополнително среќни околности биле добрата видливост и брзата реакција на операторите на фери линијата на реката. Одлуката на капетанот Саленбергер да слета во реката Хадсон за да ги спаси сите на летот била и официјално поддржана и усвоена како единствена исправна одлука.

Последиците
Патниците на летот добија писмено извинување, 5000 американски долари компензација за изгубениот багаж, и во одредени случаи и дополнителни 5000 доколку можеа да докажат поголема вредност на загубата, рефундирање на вредноста на билетот, а на почетокот на мај 2009 си го добија и багажот и другите лични работи. Дополнително, патниците изјавија дека им биле понудени по 10.000 долари за да не ја тужат авиокомпанијата од страна на осигурителната компанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top