Хрватска на патот до овие Олимписки игри ја елиминираше Италија во финалето од квалификацискиот турнир, а веќе во првото коло во Рио приреди уште едно големо изненадување, совладувајќи ја Шпанија со резултат 72-70. Избраниците на Александар Петровиќ заслужуваат само честитки поради покажаниот карактер, успевајќи да се вратат од двоцифрена негатива и на крајот да се радуваат на победа.
Шпанија ја доби првата четвртина со 21-13 и најави лесен триумф, особено откако во вториот период „црвената фурија“ поведе и со 24-36. Хрватите, сепак, ја преполовија предноста благодарение на поените на Богдановиќ и тројката на Хезоња во самиот финиш од полувремето, па на одмор се замина со резултат 38-32 за Шпанија.
Избраниците на Скариоло повторно притиснаа во третата четвртина поведувајќи со 50-36, но Хрватите уште еднаш успеаја да се вратат, па во последната четвртина се влезе со водство на Шпанија од 54-47. Големиот пресврт се случи во последните десет минути кога „коцкестите“ почнаа да ги погодуваат шутевите од далечина, проработи и офанзивниот скок, што им овозможи да имаат водство од четири поени на 17 секунди до крајот (71-67). Миротиќ со тројка ја врати неизвесноста, Шпанија имаше и последен напад, но Шариќ извонредно го блокираше Гасол за голема победа на Хрватска од 72-70.
Богдановиќ со 23 поени беше најефикасен кај „коцкестите“, пред Планиниќ со 11 и Симон со 10 поени. Пау Гасол постигна 26 поени за Шпанија, но и тоа беше недоволно за „фуријата“ да ја оправда фаворитската улога на овој натпревар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.